По одложувањето на почетокот на сезоната, а во духот на пораката на глобално ниво, #седидома, ви предлагаме да погледнете неколку филмови на тема Formula 1

Некои од нив се од поново време, но секако дека во предвид треба да се земат и класици како Grand Prix 1996 или Ferrari: Race to Immortality. Ние предлагаме, а вие одберете сами што ќе погледнете.

HEROES

Heroes е филм за животот на пет легенди на мотоспортот. Меѓу нив се двократниот шампион во Formula 1, Мика Хакинен, легендата на Le Mans, Том Кристенсен, единствената припадничка на понежниот пол, а победник во WRC, Мишел Мутон, поранешниот возач на Ferrari, Фелипе Маса и легендата на Formula 1, Михаел Шумахер. Филмот ги прикажува нивните најдобри и најтешки денови и нивниот пат низ мотоспортот.

GRAND PRIX 1996

Овој филм е приказна за измислена сезона на гран-при трки со многу акциони сцени и љубовни драми. Филмот делумно е снимен на патеки за време на вистински трки во Formula 1, а воедно е добитник и на наградата Оскар. GRAND PRIX 1996 година дефинитивно ќе ви го претстави златното доба на мотоспортот, а во исто време ќе ви донесе и многу забава.

McLAREN

Филмот McLaren е приказна за животот на Брус Мекларен, придружена со оригинални снимки и сведоштва од луѓе кои го познавале. Целта на филмот е да се покаже посветеноста и лојалноста на Брус со кои ги инспирирал луѓето кои работеле за него. Приказната следи настани од неговите почетоци од Нов Зеланд па се до впечатливите денови во мотоспортот.

LIFE ON THE LIMIT

Во овој документарен филм се истакнува колку е тешко да се балансира адреналинот и безбедноста во Formula 1. Документарните сцени се комбинација на архивски снимки од Formula 1 и интервјуа со многу тркачки ѕвезди. Некои од нив се Џон Сартис и Луис Хамилтон кои зборуваат за опасностите во Formula 1, за нивното минато и сегашност.

RUSH

Rush е филм за ривалството помеѓу големите ѕвезди на Formula 1, Ники Лауда и Џејмс Хант. Филмот ги истакнува клучните моменти во кариерата на ривалите, а во исто време се обидува да го евоцира и начинот на живот на возачите во Formula 1. 

WILLIAMS

Овој филм е комбинација на нови и архивски снимки кои се обидуваат да го приближат до гледачите животот на семејството Williams. Филмот го прикажува развојот на Williams – самите почетоци, животот на основачот Френк Вилијамс и неговиот наследник, ќерката Клер Вилијамс. Филмот вклучува и интервјуа со Најџел Менсел и Сер Патрик Хед.

WEEKEND OF A CHAMPION

Документарец од 1971 година кој опфаќа еден Formula 1 викенд во Монако заедно со Сер Џеки Стјуарт. Документарецот дава увид на фановите за животот на возачите во Formula 1 како за време на трката, така и надвор од нea.

FERRARI: RACE TO IMMORTALITY

Ferrari: Race to Immortality го прикажува златното доба односно 1950-тите години, кога Ferrari го имаше главниот збор во светот на мотоспортот. Филмот ја прикажува трагедијата и славењето рамо до рамо со Енцо Ферари во центарот на вниманието. Раскажувајќи ја приказната за тоа како Ferrari стана легендарен, документарниот филм ја истакнува богатата историја на мотоспортот испреплетена со драма и успех.

SENNA

Овој документарен филм го раскажува животот на Аиртон Сена од 1984 година па се до неговата смрт во 1994 година, користејќи изобилство на претходно невидени снимки. Филмот детално го претставува ликот на Сена и почитта која ја стекнал кај неговите ривали и воопшто од луѓето во неговиот живот. Документарец кој дефинитивно треба да се погледне.