Шефот на Alfa Romeo, Жан-Филип Импарато, потврди дека првиот електричен автомобил на марката на пазарот ќе се појави во 2024 година.

Импарато сепак е мистериозен кога станува збор за моделот, иако италијанските медиуми инсистираат веќе долго време дека тоа ќе биде кросовер од Б сегментот.

Тој градски теренец би требало да биде поставен на CMP платформата на поранешната групација PSA, која ја користат низа на модели – од Peugeot 208 и 2008, преку Corsa и Mokka на Opel, се до адутот на идната Alfa.

Како што е веќе познато, CMP архитектурата овозможува и имплементација на целосно електрично издание, што е опција што ја користат сите гореспоменати автомобили. Италијанските новинари со месеци наназад најавуваат дека новиот кросовер од Милано ќе носи едно од двете понудени имиња: Brennero или Palade.

Решението за мистеријата би можело да следи во февруари следната година. Тогаш се очекува дека покрај Tonale, ќе дебитира уште еден модел – овој субкомпактен кросовер.

Се верува дека овој мал теренец ќе ги преземе единиците од поранешната групација PSA, па затоа не треба да има посериозни изненадувања на тоа поле. Наводната премиера ќе се одржи на авто салонот во Женева следната година.

Постојат неколку верзии на приказната за почетокот на продажбата, иако најреално е дека производството ќе започне кон крајот на 2023 година, а првите примероци до новите сопственици ќе стигнат на крајот од истата, или можеби на почетокот од 2024 година.