Германската марка преку тизер фотографии се обидува да ја разбуди фантазијата по повод следната итерација на компактниот модел

Opel става акцент на Made in Germany и наведува дека новата генерација на Astra е дизајнирана и развиена во Риселхајм, каде што и ќе се произведува. Она што е факт е дека моделот ќе користи позајмена технологија од групацијата PSA, односно ќе ја користи истата платформа и веројатно поголемиот дел од погонските единици од Peugeot 308.

„Идната Astra отвора ново поглавје во 30-годишната кариера на овој модел. Убедени сме дека претстојниот автомобил ќе привлече многу нови клиенти“, вели првиот човек на Opel, Мајкл Лошелер.

Што може да се види од приложените фотографии? Веднаш е воочливо дека новиот визуелен адут на Opel наречен Vizor нашол примена и во Astra. Станува збор за анфасот кој во иднина ќе ги краси сите производи на Opel, а вклучува многу тенка светлосна група изработена од IntelliLux LED технологија. Воочливо е и тоа дека, трендовски, името Astra ќе се најде на задниот дел во централниот дел на петтата врата.

Што се однесува до ентериерот – дигитализацијата е неизбежна и со новата Astra. Пред возачот има два дисплеи, едниот за инструмент таблата, другиот за контрола на инфо-забавниот систем. Од Opel наведуваат дека претстојната Astra ќе користи и нов управувач, а материјалите што се користат во кабината се поквалитетни од кога било досега.

Германската марка истакнува дека физичките копчиња се сведени на минимум, и дека ентериерот има минималистички изглед. Покрај тоа, прес службата на Opel тврди дека ергономијата е еден од приоритетите, и дека идниот хечбек ќе добие целосно нови предни седишта. 

 

Производителот од Риселхајм потврди дека производството на новиот компактен модел ќе започне оваа година, како и тоа дека се планира хечбек и караван издание. Датумот на премиерата е сè уште непознат.