Први јавни тестови за пилотираниот летечки автомобил SD-03 / ФОТО+ВИДЕО
Прототипот засега во воздух се подига само неколку метри, на максимум 10 минути
Младата јапонска компанија SkyDrive ги спровела првите јавни тестови пилотираниот автомобил SD-03. Летот се случил на полигонот на Toyota. Прототипот со едно место за седење во првиот обид летал 4 минути, а потоа и 10 минути. Компанијата тврди дека станува збор за моментално најкомпактен електричен уред за вертикално полетување и слетување во светот.
На земја, прототипот зазема исто толку паркинг простор колку и два автомобила. SD-03 е висок два метри, широк четири метри и со иста должина. Погонот е обезбеден од осум електромотори, а летечкиот автомобил може успешно да слета на земја, дури и ако еден од нив е оштетен. Максималната брзина на SD-03 сега за сега е неколку милји на час.
SkyDrive планира дополнително да ја подобри својата технологија и до крајот на 2020 година да добие дозвола за полетувања од полигонот. Според шефот на компанијата Томохиро Фукуџава, SkyDrive настојува летачките автомобили да ги направи удобно и достапно возило. Тој додава дека во светот има повеќе од 100 проекти за создавање на вакви автомобили, но само неколку успеале да го подигнат уредот во воздух со човек во кабината.
Фукуџава е уверен дека ако траењето на летот може да се зголеми на 30 минути, а максималната брзина на 60 km/h, тогаш ќе започне и побарувачката по ваква опрема. Ако можат да летаат во автоматски режим, тогаш луѓето нема да мора да стојат во сообраќајниот метеж, да користат хеликоптери и да ангажираат пилоти, вели Фукуџава. Плановите на SkyDrive се сериски модел до две места за патници до 2023 година.