Први информации за новата Škoda Fabia / ФОТО+ВИДЕО
Премиерата на новата генерација на Fabia е се поблизу
Новата генерација на Fabia добива нова платформа и преминува на архитектурата MQB A0 што ја користат повеќе модели од групацијата Volkswagen. Она што можеби е најважно е тоа дека нема ништо од сериозна електрификација, бидејќи Škoda сака новата итерација да остане со прифатлива цена.
Како прво, Fabia mk3 е значително поголема во споредба со својот претходник – должина 4.107 mm, ширина 1.780 mm, висина 1.460 mm со меѓуоскино растојание од 2.564 mm. Треба да се напомене дека растојанието помеѓу оските сега е поголемо за 94 mm, од што најмногу профитира просторот на задната клупа. Растот на моделот во сите сегменти е евидентен, па новата Fabia со овие димензии ќе биде со големина на четвртата генерација на Golf.
Чешкиот хечбек исто така ќе добие значително поголем волумен на багажникот (+50 литри), со што ќе стане лидер во сегментот со полни 380 литри! Тоа е бројка која досега беше резервирана за возилата од Ц-сегментот до пред околу 15 години. Со преклопени задни седишта, волуменот се искачува на 1.190 литри. Секако, најавениот караван ќе понуди уште поголем товарен дел, но информациите за оваа верзија сè уште не се достапни.
Кога станува збор за гамата на мотори, истата ќе се состои само од бензинци, но ќе бидат вклучени и единици со четири цилиндри во линија. Базниот погонски агрегат е 1.0-литарски атмосферски 3-цилиндерски кој испорачува 65 КС и 95 Nm спарен со 5-степен мануелен менувач. Помоќната варијанта на овој мотор ќе обезбедува 80 КС и 95 Nm.
Потоа, тука е 1.0-литарскиот агрегат со 3-цилиндри и турбо полнач, кој е достапен во две конфигурации. Послабата има 95 КС и 175 Nm, а моќноста се пренесува на предните тркала преку 5-степен мануелен менувач. Помоќното издание се потпира на 110 КС и 200 Nm, може да се спои со 6-степен мануелен менувач или DSG менувач.
Круна на понудата ќе биде 1.5-литарски турбо со 4-цилиндри или 1.5 TSI. Овој погонски систем ќе понуди 150 КС и 250 Nm и моќноста ќе се испраќа до тркалата преку 7-степен менувач DSG. 1.5 TSI е опремен со технологија што му овозможува да „исклучи“ два цилиндри кога не се потребни, со цел заштеда на гориво.
Škoda исто така најави дека новата Фабија ќе добие поголем резервоар од 50 литри, што е зголемување за 10 литри во споредба со моделот во заминување. Наведено е дека Fabia треба да има домет од 950 километри, иако не е објавено за кој мотор се мисли.
Чешката марка исто така потврди дека идниот модел од Б сегментот ќе користи дигитална табла со инструменти, светлосните групи однапред и одзади ќе бидат комплетно изработени од LED технологија, а во кабината ќе се користи поквалитетен материјал во споредба со претходниот модел.