Протекоа податоци за најмоќните Golf изданија, GTI стартува со 245 КС!
На интернет се појавија информации за моќноста на новите Golf GTI, GTI TCR, GTD, GTE и R верзии
Откако минатата есен свое деби имаше осмата генерација на Golf, автомобилските ентузијасти со нетрпение ги очекуваат деталите за верзиите со високи перформанси на бестселерот на Volkswagen.
Доколку информациите кои се појавија на интернет се покажат точни, Golf GTI во основната верзија ќе располага со мотор од 245 КС (180kW), додека варијантата GTI TCR ќе располага со 300 КС (221kW).
Оние кои претпочитаат моќни дизел мотори ќе можат да изберат Golf GTD со мотор кој испорачува 200 КС (147 kW), додека plug-in хибридниот Golf GTE ќе има погонски систем со вкупна моќност од 245 „коњи“ (180 kW).
На тронот треба да биде Golf R, кој според неофицијалните податоци ќе располага со 333 КС (245 kW).
Што се однесува до Golf GTI и GTD, во точноста на податоците ќе можеме да се увериме наскоро со оглед на тоа дека Volkswagen и официјално ќе ги претстави двата модели на претстојниот саем за автомобили во Женева, додека на Golf R ќе мора да почекаме до летото, кога е закажана премиерата на Goodwood Festival of Speed во Англија.