Продажбата на нови автомобили во Европа продолжува да опаѓа
Експертите очекуваат овој тренд да остане барем до крајот на годината
Продажбата на нови автомобили во Европа продолжува да опаѓа, барем според податоците на Националните асоцијации на производители на автомобили. Ова се случува втор месец по ред, а причината е иста како и за послабите резултати во септември.
Од 1 септември па наваму, стапија во сила новиот стандард за заштита на животната средина Euro-6d Temp, како и новиот начин за мерење на штетните емисии – WLTP. Ова ги натера производителите, во август итно да ги продадат своите стари автомобили кои ги исполнуваат стандардите Euro-6 и тоа со огромни попусти. Токму пради тоа во септември имаше пад кој продолжи и во октомври.
Во десеттиот месец од годината, лидер според продажбата повторно е Германија со резултат од 252.682 продажби, што е за 7,4% помалку од истиот период во 2017 година. Франција е на второ место со 173,802 продажби (-1,5%), по што следи Велика Британија – 153.599 продажби (-2.9%).
Дури и на експертите им е тешко да прогнозираат колку долго ќе продолжи негативниот тренд, но некои од нив сметаат дека периодот сигурно ќе трае барем до крајот на годината. Ова значи дека вкупниот резултат во Европа за 2018 година нема да биде рекорден.