Владата во Мадрид подготвува предлог закон до парламентот кој би требало да донесе забрана за употреба на автомобилите со мотор со внатрешно согорување на територијата на земјата од 2040 година

Ако овој предлог биде прифатен од Парламентот, Шпанија ќе се приклучи на големиот број земји во Европа кои планираат слични потези. Премиерот на земјата, Педро Санчез, вели дека предлогот е само дел од планот за ублажување на ефектите од климатските промени, а еден од најголемите проблеми во таа насока е сообраќајот, односно транспортот. ТОкму затоа планот е од 2040 година во оваа пиринејска земја да се забрани продажбата на возила кои директно емитуваат јаглерод диоксид кога работат.

Велика Британија и Франција веќе имаат усвоено слична забрана исто така за 2040 година, а ако кон ова се приклучат и други водечки земји на ЕУ, особено Германија, ќе се направи голем притисок на нафтената индустрија на глобално ниво.

Дел од јавноста, но и од Парламентот на Велика Британија дури сугерираа крајниот рок да биде 2032 година, но овој предлог беше одбиен, пред се за доброто на домашната автомобилска индустрија.

Целта на официјален Мадрид е намалување на емисиите на ниво 20% пониско од она кое е измерено во државата во 1990 година. Крајниот рок за ова намалување е 2030 година. Планот на ЕУ е на целата територија на ЕУ намалување на емисиите за 40% до 2030 година.