Севкупно во 2021 година, продажбата на нови автомобили во ЕУ бележи пад од 2,4% или 9,7 милиони возила

Во декември 2021 година, бројот на регистрации на патнички автомобили низ Европската унија забележал пад од 22,8% или 795.295 единици, што е шести последователен месец на пад, соопшти Асоцијацијата на европски производители на автомобили (ACEA). Повеќето пазари во регионот забележале двоцифрен пад, вклучувајќи ги и четирите најголеми: Италија (-27,5%), Германија (-26,9%), Шпанија (-18,7%) и Франција (-15,1%). Единствените пазари на автомобили во ЕУ кои пораснале минатиот месец се Бугарија, Хрватска, Латвија и Словенија.

Севкупно во 2021 година, продажбата на нови автомобили во ЕУ забележала пад од 2,4% или 9,7 милиони возила, и покрај рекордното ниско ниво за споредба во 2020 година, кога целиот континент беше во карантин во голем дел од годината. Овој пад се должи на недостигот на полупроводници што негативно влијаеше на производството на автомобили во текот на целата година, но особено во втората половина од 2021 година. Минатата година, вкупниот број на регистрации на автомобили во ЕУ останал на 3,3 милиони возила под продажбата пред кризата во 2019 година.

Гледајќи ги четирите главни пазари на ЕУ за целата година, само Германија забележала пад (-10,1%) во 2021 година. За разлика од неа, Италија забележала најголем раст (+ 5,5%), следена од Шпанија (+1,0%) и Франција (+ 0,5%).

Volkswagen и понатаму е групата која продава најмногу автомобили. Брендовите кои се дел од групата испорачале 2.437.110 возила или 4,8 отсто помалку од 2020 година. Следи Stellantis со 2.124.269 возила, Renault (и Dacia) со нешто повеќе од милион испорачани возила и Hyundi и Kia кои добро се снајдоа во кризата со чипови и немаа проблеми со испораките.

Целиот извештај од Асоцијацијата на европски производители на автомобили (ACEA) моѓе да го погледнете на следниот линк.

Што се однесува до македонскиот пазар, иако сеуште нема податоци за месец декември, јасно е дека има раст на продажбата во споредба со 2020 година (севкупно патнички автомобили, товарни моторни возила, автобуси и минибуси).