„Мислам дека малата Tesla сигурно ќе ги надмаши сите други модели заедно“, вели Маск

Профитабилноста на Tesla би можела вртоглаво да порасне со вестите дека нејзината следна генерација на EV платформа би требало да чини половина од сегашната архитектура во Model 3 и Model Y.

Извршниот директор Илон Маск го дал тој податок на телефонска конференција на Tesla за третиот квартал во 2022 година, кога инвеститорите го прашале за сè уште тајниот развој на мало електрично возило на компанијата.

Очигледно, не сите тие 50 проценти заштеда од производствените трошоци ќе бидат пренесени на потрошувачите, но тоа треба да значи дека Tesla ќе може да на пазарот да донесе мал автомобил за околу 30.000 евра, или можеби помалку, а сепак да оствари профит. Најевтиниот автомобил во сегашната линија на Tesla е популарниот Model 3 со еден мотор и со почетна цена од околу 50.0000 евра, но продажниот потенцијал на новиот помал модел ќе биде уште поповолен.

„Мислам дека сигурно ќе го надмине производството на сите други модели заедно“, рекол Маск, но не дал никакви индикации кога би можел да се појави на пазарот. Autocar претходно објави дека компактниот модел на Tesla ќе обезбеди опсег по WLTP од најмалку 400 km, што ќе биде повеќе од основниот опсег на VW ID.3 (350 km).

Сè уште непознатиот надворешен дизајн треба да има голема семејна сличност со Model 3, но ќе има хечбек заден дел.

Маск изгледа не е загрижен за светската економска криза, и покрај тоа што во јуни тврдеше дека има „лошо чувство“ за економијата.

„Ние сме во добра позиција“, вели тој, тврдејќи дека купувачите разбрале дека електрификацијата зема замав и дека разбрале и веќе донеле одлука да се префрлат од автомобили со мотор со внатрешно согорување на електрични автомобили.

Маск смета дека нема да биде само растечката продажба на електрични автомобили таа што ќе помогне да се зголеми профитот. Тој вели дека Tesla ќе одржува годишна стапка на раст од 50 проценти во просек во текот на неколку години, но се предвидува дека делот од бизнисот кој се однесува на складирање електрична енергија ќе расте од 150 до 200 проценти годишно.