Инфраструктурата која ќе биде потребна за трансфер на сите возила на електричен погон ќе бара инвестиција во Јапонија од 135 до 358 милијарди долари

Забрзаниот пат до електрична мобилност води кон промени кои е тешко да се следат, па оттука и прашањето дали сме подготвени за тоа. Претседателот на Toyota, Акио Тојода е еден од оние луѓе кои во форсирањето на електричните автомобили не гледа премногу добри нешта.

„Ако сите автомобили во Јапонија беа електрични, во лето ќе останевме без струја“, вели Тојода.

Според него, за инфраструктурата која ќе биде потребна за трансфер на сите возила на електричен погон, ќе бидат потребни инвестиции во Јапонија од 135 до 358 милијарди долари.

„Кога политичарите тврдат, одиме да се ослободиме од автомобилите со мотори со внатрешно согорување, дали се свесни што значи тоа? Деловниот модел на автомобилските производители ќе пропадне“.

Според Тојода, поради доминантните термоцентрали на јаглен и гас, загадувањето со јаглерод диоксид ќе биде многу поголемо кога на патиштата ќе се појави голем број електрични автомобили, пишува Wall Street Journal.