Освежениот модел штотуку влезе во сериско производство, а информации за цените, како и за почетокот на продажбата на новата Niva, сеуште нема.

Оваа година AvtoVAZ повторно стана сопственик на правата на ознаката Niva, откако General Motors, кој во Русија го произведуваше моделот Chevrolet Niva, се повлече од пазарот на таа земја и го продаде својот удел во руската компанија.

Ова ја отвори можноста овој модернизиран теренец повторно да се произведува и продава под марката Lada.

Модернизираното возило сега ја носи ознаката Lada Niva Travel, а првите единици веќе се симнати од фабричките ленти за монтажа на AvtoVAZ.

Овој автомобил не треба да се меша со поранешната Lada Niva, која беше лансирана во 1977 година, и која денес има комерцијално име Lada 4х4.

Предниот дел на возилото е целосно редизајниран во споредба со периодот кога автомобилот го носеше амблемот на Chevrolet и потсетува на сегашниот Toyota RAV4. Задниот дел на автомобилот, кој сега е украсен со LED стоп светла, исто така е модернизиран, а преобликуван е и браникот.

Под хаубата се наоѓа бензински мотор од 1.7-литри со 80 КС и максимален вртежен момент од 127 Nm. Силата се пренесува на сите 4 тркала преку 5-степен мануелен менувач.

Знаејќи ги овие спецификации на погонскиот систем, не е реално да се очекуваат одлични перформанси, па не е ни чудно што Niva Travel забрзува од 0 до 100 km/h за 19 секунди и развива максимални 140 km/h.

Цените не се објавени, но познато е дека Chevrolet Niva чинеше 726.000 рубљи (нешто помалку од 8.000 евра) пред рестајлингот, додека најбогатата опремена варијанта имаше цена од 869.000 рубли (под 9.500 евра).

Минатиот месец, Lada Niva го пронашла патот до 2.248 клиенти во својата земја, со што е рангирана како осумнаесетта на листата на најбарани модели во Русија.