Премиера за рестилизираниот Opel Grandland / ФОТО
SUV моделот на Opel поминал низ процес на значително ажурирање
Првата промена е во самото име, па како и Mokka претходно, така и Grandland останал без додавката „Х“. Но, најголемата новина е секако различното лице. Напред Grandland го презел препознатливиот Vizor стил на Opel, кој подразбира целина на светлосната група и решетката, па предниот дел на освеженото возило Grandland е драстично различен од моделот пред рестилизацијата.
Големи промени се случиле и во салонот. Пред возачот сега се наоѓаат два дисплеја, едниот за инструмент таблата, додека другиот служи за контрола на инфо-забавниот систем. Инструмент таблата има дијагонала од 12 инчи, а екранот за контрола на инфо-забавниот систем е 10 инчи. Изменет е и изгледот на отворите за вентилација, кои сега имаат „хромирани“ рамки.
Германската марка го збогатила Grandland и во областа на технологијата. Покрај светлосните групи кои користат Matrix LED технологија, компактниот теренец на Opel добил т.н. Night Vision или систем што веќе го видовме со Peugeot 308. Тоа е модерно помагало кое се потпира на инфрацрвена камера поставена на предниот дел од возилото, испраќа слика на дисплејот во текот на ноќта и ги покажува сите топлокрвни суштества на патот или околу него.
Покрај тоа, од Opel посочуваат дека на Grandland му е даден нов, понапреден темпомат, кој сега е во состојба целосно да го запре возилото и потоа да го стартува. Производителот од Риселхајм исто така наведува дека Grandland ќе може опционално да смета и на преглед на камера од 360 степени.
Opel не наведувa дали има некои промени во опсегот на мотори, па логично е да се претпостави дека тој ќе остане ист како и пред рестилизирањето. Испораките на освежениот Grandland ќе започнат оваа есен.