Премиера за првиот Cupra електричен автомобил / ФОТО
Подбрендот на Seat кој нуди модели со високи перфоманси во Франкфурт претстави концепт на електричен кросовер-купе наречен Tavascan
Концептот Cupra Tavascan EV ја користи МЕВ механичката платформа на VW Групацијата наменета за електрични автомобили, а погонот го добива од три електрични мотори со вкупна комбинирана моќност од 306 КС (225 kW). Два електрични погони ги придвижуваат предните, а третиот задните тркала на возилото кое од состојба на мирување до „стотка“ стигнува за само 6,5 секунди.
Електрична енергија се складира во пакетот од литиум-јонски батерии со капацитет од 77 kWh сместен во подот на концептот, а производителот вели дека максималната автономиа на автомобилот е 450 km, според мерниот циклус WLTP.
Cupra Tavascan има агресивен и донекаде футуристички дизајн, што е вообичаено кај концептните возила. Концептот е поставен на 22-инчни алуминиумски тркала, а рачките на вратите се вовлекуваат во надворешните панели на вратите, додека надворешните ретровизори се помали отколку кај производствените модели, што секако придонесува автомобилот да изгледа поелегантно и попривлечно.
Особено привлечно делуваат LED светилата, како напред, така и назад, каде се поврзани со тенка LED лента.
Ентериерот е дизајниран за 4 возрасни лица, а наместо класична задна клупа, поставени се две одделни седишта, исти како и седиштата на возачот и совозачот.
Кокпитот е целосно дигитализиран според тековните трендови и се состои од два големи екрани – инструмент табла со дијагонала од 12,3 инчи и мултимедија со дијагонала од 13 инчи.
Како што диктира повеќедецениската традиција на Seat, овој концепт името го добил според еден шпански географски термин – селото Таваскан, кое се наоѓа во близина на границата со Франција.