Премиера за новата Porsche Cayenne GTS линија / ФОТО
Премиерно Porsche претстави GTS верзии на своите два SUV модели кои под хаубата кријат V8 twin-turbo погонски агрегат
Porsche Cayenne GTS и Cayenne GTS Coupe ја надополнуваат пазарната понуда на овие два модела, а користат ист 4.0-литарски V8 twin-turbo со 460 КС (338 kW) и 620 Nm. За споредба, претходниот Cayenne GTS под капакот за моторот носеше 3.6-литарски V6 twin-turbo со 440 КС и 600 Nm.
Со помош на пакетот на опрема Sport Chrono, Cayenne GTS и Cayenne GTS Coupe од 0 до 100 km/h забрзуваат за само 4,5 секунди, а максималната брзина е 270 km/h.
Двата модела имаат спортско подесена суспензија која ги спушта автомобилите за 20 mm во однос на стандардната висина. Во стандардна опрема влегува и Porsche Active Suspension Management, како и Porsche Torque Vectoring Plus. Опционално клиентите можат да доплатат за Porsche Dynamic Chassis Control, како и за систем за управување на сите четири тркала и систем за воздушно потпирање.
Автомобилите визуелно се истакнуваат од остатокот од гамата на Cayenne благодарение на пакетот Sport Design, а тоа значи црни детали на надворешноста, спортски издувен систем, алуминиумски 21-инчни RS Spyder Design тркала и црвени клешти за сопирачките. Предните дискови на сопирачките се со дијаметар 390 mm, додека задните се со дијаметар од 358 mm.
Во патничката кабина доминира алкантара со која се преслечени седиштата, но и контролната табла, централната конзола и делови од облогите на вратите. За премиум амбиентот допринесуваат декоративните детали изработени од брусен алуминиум.
Porsche Cayenne GTS во Германија чини 114.087 евра, додека верзијата Coupe чини 118.490 евра.