Германскиот бренд продолжува со развојот на ID. семејството на електрични автомобили

Volkswagen продолжува по патот без враќање, а неговото име е електрификација. Наместо во Женева, германскиот гигант онлајн премиерно го пратстави електричниот теренец ID.4.

Пред нас е уште еден претставник во морето на електрични SUV модели кои се појавија во изминатите неколку години. ID.4 е поставен на модуларната MEB платформа и ќе биде достапен во две варијанти: со погон на двете осовини или само на задните тркала.

Што се однесува до дизајнот, тука нема големи изненадувања, се е во согласност со практиката воведена со ID.3. Сепак, ID.4 засега е со камуфлажа. Причината за тоа е што VW подготвува официјална премиера, а се верува дека ќе биде јуни и Авто саемот во Детроит.

Ова делува логично бидејќи ID.4 ќе биде првиот дел од семејството ID. што ќе го премине Атлантскиот Океан и ќе се продава во Северна Америка.

Volkswagen засега не дава никакви спецификации во врска со погонот и автономијата на движење, но најавено е дека продажбата на овој електричен SUV ќе започне во 2021 година и тоа во Кина, Европа и Америка.