Ford работи на нова генерација на LED предни светла кои можат да го покажат ограничувањето на брзината проектирајќи го на површината на патот

Технологијата на Head-up дисплеите им овозможува на возачите да гледаат низ шофершајбната додека сеуште ја следат нивната брзина, навигациските мапи и други важни податоци. Но, најновата верзија на Ford-овата HUD технологија клучните информации не ги проектира на парче стакло пред возачот, туку на патот напред.

Ford работи на нова генерација на LED фарови кои можат да даваат насоки и да покажуваат ограничувања на брзината со нивно проектирање на површината на патот. Исто така, се тврди дека технологијата би можела да се користи за да им се помогне на оние надвор од автомобилот, како што се пешаците, со осветлување на премините или помагање на возачите да ги заобиколат велосипедистите за да се осигураат дека автомобилот не поминува премногу блиску.

Други корисни информации кои би можеле да се емитуваат на патот вклучуваат временски податоци, како што е симболот на снегулка кога патиштата може да се замрзнати, податоци за сообраќајот и водичи кои ќе им помогнат на возачите да проценат дали паркинг просторот е доволно голем пред да се обидат да го сместат автомобилот.

„Она што започна како играње со светлото на проекторот и празен ѕид може да ги подигне технологиите за осветлување на сосема ново ниво. Возачот може да добие суштински информации без да го тргне погледот од патот“, вели Ларс Јункер, претседател за карактеристики и софтвер во Ford Европа.

Ова не е прв пат да видиме ваков вид на технологија. Mercedes претстави сличен систем наречен Digital Light во 2016 година, а кој сега може да се нарача во неговата сериска верзија на различни автомобили на Mercedes, вклучувајќи ја и најновата C-Class. Верзијата на Mercedes не проектира конкретни патни знаци, но проектира предупредувачки симболи ако, на пример, се обидувате да влезете во еднонасочен пат во погрешна насока…