Познато кои модели на Renault остануваат во Русија
Duster и Sandero ќе ги произведува AvtoVAZ
Моделите на Renault односно Dacia, Sandero и Duster ќе се склопуваат во фабриката на AvtoVAZ во Тољати, најави гувернерот на областа Самара – Дмитриј Азаров. Сепак, тој не прецизира под која марка ќе се продаваат двата автомобили на рускиот пазар, а можно е тоа да биде Lada.
Како што е познато, Renault го запре производството во Русија и го продаде својот удел во AvtoVAZ на државата. Французите имаат можност да го откупат својот имот во рок од 6 години со плаќање само за направените инвестиции. Според Азаров, договорот овозможува Renault Duster и Renault Sandero да продолжат да се произведуваат во земјата.
Во случајот станува збор за втората генерација на Duster, која во Европа се продава под брендот Dacia. Во Русија, кросоверот се појави дури во 2021 година, достапен со 1.6 и 2.0-литарски бензински мотори кои развиваат 117 и 143 КС, соодветно, како и 1.3-литарски турбо мотор со 150 КС кој работи во пар со 6-брзински мануелен менувач или со варијатор.
Како алтернатива за Duster, достапен е и 1.5-литарски дизел мотор со 109 КС. Кросоверот е достапен како со погон на предните така и со погон на четири тркала.
Што се однесува до Sandero, третата генерација на моделот, кој е достапен и во Европа под марката Dacia, исто така, најверојатно ќе се произведува во Тољати. Сепак, верзијата за Русија ќе биде со мотори од втората генерација – 1.6-литарски, кои развиваат 82, 102 и 113 КС, во комбинација со 5-брзински мануелен менувач. Може да се појави и верзија со 1.3-литарски турбо мотор, кој доаѓа од Renault Arkana и новиот Duster.
Фабриката на Renault во Москва стана сопственост на градските власти, а во неа е можен е почеток и на производство на легендарниот Москвич. Според градоначалникот Сергеј Собјанин, целта е да се задржи најголемиот дел од сегашниот персонал на компанијата.