Возачите на Formula 1 ќе се соочат со малку поинаков предизвик во Имола во трката за ГН на Емилија-Ромања, која ќе се одржи на првиот ден од месец ноември

Тркачкиот викенд ќе се состои од само еден слободен тренинг во траење од час и половина и стандардните квалификации во сабота, а потоа и трката во недела.

Трката во Имола влезе во календарот како резултат на пандемијата на коронавирусот и откажувањето на голем број трки, особено оние надвор од Европа. Како што најавија организаторите кога го потврдија враќањето во календарот, тркачкиот викенд ќе биде скратен на два дена, а форматот сега и официјално може да се види на официјалната веб страница. Ова ќе биде прва трка на Имола од 2006 година.

Слободниот тренинг ќе започне во сабота, 31 октомври во 10 часот по локално време и ќе трае 90 минути. Тренинзите во петок се отфрлени, што значи дека возачите ќе имаат само 90 минути целосно да се подготват за квалификациите и трката. Квалификациите ќе се одржат истиот ден во 14 часот, во непроменет формат, а трката е во недела, на 1 ноември во 13:10 часот.