Постарите возачи скептични за електричните автомобили
Истражувањата покажуваат дека многу возачи на возраст над 55 години избегнуваат да купуваат електрично возило
Загриженоста врзана за автономијата на овие возила е една од главните причини зошто постарите над 55 години избегнуваат купување на овие возила, се вели во истражувањето спроведено од глобалната консултантска куќа KPMG.
Според резултатите од истражувањето, токму автономијата на возилата односно оддалеченоста која автомобилот може да ја мине со едно полнење на батериите, било главна причина за загриженост за 75 проценти од луѓето над 55 години.
Помалку од половина (40 проценти) од испитаниците на возраст од 18-34 години истата причина ја навеле за двојбата дали да се купи електрично возило.
Студијата е спроведена на примерок од 2001 човек во Британија во месец септември, наведуваат од KPMG.
„Очигледно има огромна промена на мислењето во зависност од генерацијата“, вели Џастин Бенсон од KPMG, Велика Британија. „Милениумците и генерацијата З се свртуваат кон електричните возила, а оние над 55 години се чини дека се двоумат да го направат тоа исто така брзо како и помладите луѓе“.
Бенсон вели дека помладите луѓе се исто така посклони да се фокусираат на тоа колку време е потребно за полнење на возилото, отколку колку далеку можат да одат со едно полнење.
„Помладите луѓе се поотворени да пробуваат нови работи и очекуваат сè ќе може да се направи во најкус можен рок, дури и со притискање на едно копче“, вели експертот во KPMG.