Porsche подготвува ривал за BMW i4 на платформата Audi A4 e-tron
Porsche е во процес на создавање деловен модел како седми автомобил во гамата, кој треба да се постави наспроти Tesla Model 3 и BMW i4. Стајлингот треба да биде во фастбек стил, тесно поврзан со Audi A4 e-tron
Предложено е новиот модел да ја користи платформата PPE, развиена во соработка со Porsche и Audi, a да се позиционира под Taycan, по почетна цена од околу шеесет илјади евра.
Сè уште нема многу детали, иако има сугестии дека новиот модел може да биде именуван како Cajun, име кое Porsche го има заштитено уште во 2011 година. Упатените велат дека третиот чисто електричен модел на Porsche ќе ги дели платформата, погонскиот систем и компонентите на батеријата со идниот Macan EV, кој ќе се произведува во фабриката на Porsche во Лајпциг.
Еден од инженерите вели дека модуларната природа на PPE платформата ќе овозможи проширување на понудата со низа различни модели. Таа е дизајнирана и за стандарден и за зголемен клиренс, што значи дека новата лимузина е една од можностите.
Audi и Porsche соработуваа во развојот на Taycan и е-tron GT, а во моментов се вклучени во заедничката работа на електричните Macan и Q6. Претходно, овие два германски брендови имаа соработка и во развојот на Macan и Q5, како и хибридните варијанти на Cayenne и Q7.
Како и во случајот на A4 е-tron, предложениот модел на Porsche најверојатно ќе има опции за погон во форма на едномоторна поставка со погон на задните тркала и двомоторна варијанта со погон на сите тркала.
Одлука дали ќе се произведе новитетот со пет врати допрва треба да се донесе, но извори велат дека Porsche работи на производствени капацитети за можен седми модел, инвестирајќи 600 милиони евра во фабриката во Лајпциг. Оваа инвестиција, објавена минатата година, ќе овозможи изградба на нов оддел за каросерии од 75.500 квадратни метри. Оваа инвестиција ќе му овозможи на Porsche да произведува бензински, хибридни и електрични погонски единици на иста линија.
Фабриката во Лајпциг е исто така дом и на 7 мегаватен парк за полнење, а производственото портфолио вклучува Macan, Panamera и Panamera Sport Turismo.