Себастијан Фетел го напушти тимот на Ferrari и сака да се раздели со суперавтомобилите на брендот

Четирикратниот Formula 1 шампион, Себастијан Фетел очигледно врти нова страница во својата кариера по приклучувањето во тимот на Aston Martin (екс Racing Point). Германецот очигледно не сака да има никаква врска со неговиот поранешен тим Ferrari и најави продажба на својата колекција на импресивни модели.

Со продажбата управува компанијата Tom Hartley JNR од Велика Британија, која веќе нуди на продажба осум автомобили на Фетел. Трите највредни од нив се Ferrari LaFerrari 2016, Ferrari Enzo 2004 и Ferrari F50 од 1996 година. Првите два автомобила, наводно, веќе се продадени, но не се соопштува за кои износи.

Што се однесува до моделот F50, него го купи самиот Фетел во 2015 година, односно неговата прва сезона со Ferrari. Суперавтомобилот има поминато 6.939 километри и доаѓа со специјален капак, комплет торби за багаж и сите потребни сертификати и документи.

Шампионот продава уште 2 автомобили од италијанската марка. Првиот е F12tdf од 2016 година, кој го купил како нов и има поминато само 1.183 километри. Другата машина е 458 Speciale, исто така купена како нова со поминати 3.077 километри.

Германецот нуди уште три автомобили од неговата колекција. Меѓу нив е и Mercedes-Benz SL65 AMG Black Series, автомобил кој му е подарен по неговата прва победа во Formula 1 во 2009 година за Големата награда на Абу Даби. Фетел исто така сака да се раздели со Mercedes-Benz SLS AMG 2010 и BMW Z8 Roadster од 2002 година.