Германскиот Фолксваген ќе освојува нов пазар и заедно со кинеска стартап компанија планира да произведува електрични тротинети, пишува германскиот весник Welt

Станува збор за пазар на кој целат и други производители на автомобили, како што е на пример BMW, кој веќе произведува возила од овој тип.

Volkswagen сака да профитира од зголемената популарност на електричните тротинети и да влезе на пазарот на микромобилност. Според Welt, VW во производството на електрични тротоари влегува со кинеската стартап компанија NIU.

Нивната намера е заедно да го произведуваат моделот Streetmate, кој беше претставен на минатогодишниот автомобилски саем во Женева.

Електричниот тротинет ќе достигнува брзина до 45 km/h и ќе може да помине максимални 60 километри со целосно наполнети батерии.

VW очекува многу од влезот на пазарот на електрични тротинети и проценува дека до 2030 година овој пазар ќе достигне обем од околу 450 милијарди евра, од кои една третина ќе отпадне на Европа.

Што се однесува до нивниот партнер, NIU е искусна компанија основана пред пет години, а која до сега до потрошувачите има испорачано 640.000 електрични тротинети. Во Кина, NIU има пазарен удел од околу 40 проценти.

Во Германија, како што потсетува Welt, сеуште нема генерално одобрение за електричните тротинети, а за него во полемика се сојузната држава и покраините. Во други земји, меѓу другите и во САД, тротинетите на електрична енергија веќе се официјално одобрени и многу популарни кај граѓаните за преминување на кратки растојанија.