Јапонскиот производител следниот месец на Женевскиот авто-салон ќе претстави прототип на мал електричен автомобил базиран на концептот Urban EV од 2017 година

Концептот Urban EV наиде на позитивни реакции на јавноста која ги следи настаните во автомобилската индустрија, па следствено на тоа, во Honda одлучија на клиентите да им понудат производствена верзија на автомобил базиран на оваа студија.

Во предвечерието на Женевската премиера на овој електричен автомобил, јапонскиот производител ги објави првите фотографи и од внатрешноста на возилото, откривајќи го изгледот на контролната табла и уште неколку детали.

Кокпитот на овој автомобил се карактеризира со минималистички и, по малку, ретро дизајн, а со доминантен ултра-широк дигитален дисплеј кој ја покрива речиси целата ширина на таблата.

Покрај управувањето со мултимедијалниот систем, овој екран, исто така, ја игра и улогата на табла со инструменти, а на неа може да се следи работењето на компонентите на електричниот погон и статусот на батеријата.

Honda сепак задржала некои и традиционални команди. На централната конзола под екранот има група на прекинувачи, како и регулатор за контрола на јачината на звукот, додека пониско се поставени командите за климатизацијата.

Прототипот е опремен со најсовремени технологии како што се автоматски фарови, поддршка за одржување на возилото во рамките на сообраќајната лента, задна камера која го менува конвенционалното внатрешно огледало, а на располагање е и грејач на воланот.

Во споредба со концептот кој има 3 врати, серискиот модел од практични причини има 5 врати, а капацитетот на патничкиот простор е продолжен од 4 на 5 возрасни лица.

Повеќе детали ќе бидат познати на 5 март, кога Женева ќе биде домаќин на премиерата на овој електричен автомобил.

Сериското производство ќе започне подоцна во текот на годината, а во продажните места во Европа ќе пристигне пред крајот на 2019 година.