По интервенција на BMW: Неуспешен обид на кинеска компанија да произведува класичен електричен MINI
Кинеската компанија Beijing Estek Technology не доби шанса да го користи дизајнот на класичниот MINI во производството на својот нов електричен автомобил, откако BMW, кој е сопственик на познатата марка, се спротивстави.
Beijing Estek Technology поднесе документи за патент до Државната канцеларија за интелектуална сопственост на Кина во мај минатата година за автомобил што изгледа како класично MINI. Идејата на кинескиот производител всушност беше комбинација од генералниот дизајн на каросеријата на автомобилите произведени помеѓу 1969 и 2001 година, а кој вклучува скриени шарки на вратите и детали од постарите автомобили MINI како што се решетката на ладилникот, задните светла, осветлувањето на регистарските таблички и слично.
Технички детали има малку, но Car News China пишува дека автомобилот е замислен со електричен мотор поставен напред, кој би ги придвижувал предните тркала. Скиците на патентот покажуваат дека новиот автомобил има капаче за гориво како оригиналот, но најверојатно го крие портот за полнење на батеријата.
Сепак, BMW брзо ги уништи тие планови. Во јули 2022 година, тој поднесе барање за отфрлање на барањето за патент и тој потег вроди со плод. Така, Beijing Estek Technology останува без право да го спроведе својот план, но има право на жалба во рок од три месеци.
Сепак, истата канцеларија и издаде патент на компанијата Оra за нејзината „копија“ на легендарната „Буба“ на Volkswagen, меѓутоа, електричниот модел Punk Cat барем имаше пет врати и суптилни разлики во дизајнот, додека клонот на MINI изгледа како копија на нацрти кои се во сопственост на BMW.