Приказната за можното враќање на Себастијан Фетел во Red Bull стана актуелна последните неколку дена, но шефот на тимот, Кристијан Хорнер, категорично ја отфрли таа идеја

Себастијан Фетел се чини дека има се помалку опции за продолжување на кариерата. Претходно оваа недела, Renault го потврди ангажманот на Фернандо Алонсо за 2021 година, па стана јасно дека Германецот нема да премине во редовите на црно-жолтите, за потоа, сериозно да се актуелизира опцијата за враќање во Red Bull.

Фетел со „Биковите“ освои четири светски титули и во еден разговор со новинарите изјави дека би прифатил покана од неговиот поранешен тим. Сепак за време на првиот слободен тренинг во Австрија за ГН на Штајерска, ​​Кристијан Хорнер јасно стави до знаење дека таква покана нема да пристигне на адреса на Фетел.

„Имавме брилијантен период со Себастијан и тој засекогаш ќе остане дел од нашата историја, но не очекувавме тој да биде слободен на пазарот оваа година и ние сме посветени на нашата сегашна постава. Сметаме дека имаме одлична двојка во Макс и Алекс, дека тие имаат огромен потенцијал за иднината, така што за жал нема да може да го вратиме Фетел. Се плашам дека тоа е дефинитивно не, но Себастијан е свесен за тоа“, изјави Хорнер

„Необично е што четирикратниот светски шампион во моментот нема возачко место, но претпоставувам дека тој има уште неколку опции на располагање, како што е Racing Point или едногодишна пауза па ново разгледување на опциите“, дополнува Хорнер.

Опцијата Racing Point, од следната година Aston Martin, не изгледа како остварлива опција бидејќи Серхио Перез има договор и за следната година, а тешко е да се очекува дека Ленс Строл, синот на сопственикот на тимот, би останал без возачко место. Во секој случај, иднината на Себастијан Фетел во Formula 1 станува многу неизвесна.