Париз ги „брка“ постарите дизели и бензинци од поширокото градско подрачје
Сопствениците на дизел автомобили се соочуваат со сè поголем број проблеми во голем број светски метрополи
Најновата вест поврзана со оваа тематика доаѓа од Париз и говори за скорото „бркање“ на автомобилите кои согоруваат нафта, оние постарите, од поширокото централно градско подрачје во Париз.
Забраната ќе стапи во сила во средината на 2019 година, а конкретно се однесува на дизел возила кои за првпат се регистрирани пред 2001 година.
„Ова е одлична вест за здравјето на сите жители“, вели градоначалникот на Париз, Ан Идалго, за францускиот весник Le Parisien. Според неа, „одлуката ја претставува победата на граѓаните“.
Попрецизно, одлуката на градското собрание се однесува и на дел од делница која го вклучува автопатот 86 (Autoroute 86). Надворешен прстен од автопатишта го опкружува целиот Париз, вклучувајќи ги и предградијата. Почнувајќи од јули 2019 година, овој појас ќе биде ослободен од постарите дизел мотори.
Прописите кои се веќе во сила и денес во францускиот главен град, а кои се однесуваат на прашањата поврзани со животната средина, веќе се многу строги. Почнувајќи од минатата година, уредите за прочистување на издувните гасови за патнички автомобили се задолжителни.
Интересно е дека движењето за време на работната недела, во поширокото подрачје во Париз, ќе биде забрането и за моторни возила кои користат бензин како гориво, доколку се произведени во 1997 година или претходно. Прописите кои ги регулираат проблемите со камионите и автобусите се уште построги.
Колку за споредба, бидејќи деновиве оваа тема станува актуелна и за главниот град на нашата земја, освен Париз, норвешкиот главен град Осло, во денови на високо загадување, го трга дизел возилата од улиците, а дополнително градските власти размислуваат за целосна забрана за SUS мотори во урбаните средини.
Слична е приказната и со Барселона и Мадрид, додека во Лондон, сопствениците на дизел возила мораат да платат посебен данок за влез во градот со своето возило во текот на работната недела.
Што се однесува до Германија, забраните се однесуваат на одредени области на Хамбург, а судовите веќе имаат наложено аналогни одлуки за Берлин, Минхен, Франкфурт и Келн.