Во електричните тротинети се инвестирани десетици милиони долари од страна на големи електрични и автомобилски компании како Google, Uber, Lyft, Ford…

Иако изминатите години честа тема на технолошките, но исто така и останатите медиуми беа електричните и автономните автомобили, транспортниот пазар оваа година сепак го обележаа – електричните тротинети. Ако не го следите токму овој пазар, можеби и не сте чуле за една компанија која изнајмува е-тротинети и се вика Bird,  a сигурно уште повеќе ќе бидете изненадени со фактот дека оваа стартап компанија во многу кус рок има остварено вредност од една милијарда долари. Компанијата, која е формирана во септември 2017 година, веќе во мај оваа година била вредна една милијарда долари, за да со новата инвестиција таа вредност се зголеми на околу 2 милијарди долари.

Електричните тротинети се особено популарни во САД како таканаречена Last mile форма на транспорт, односно од гаражата каде што луѓето ги паркираат своите автомобили или од станица на јавен транспорт до работа или дома. Тие не се паркирани на посебно место, туку луѓето, кога ќе стигнат до целта, можат да ги остават каде што сакаат. Доволно е само да се стартува апликацијата преку која се прикажува мапа со најблиските слободни ромобили и преку истата апликација да го отклучите тротинетот и да платите за неговата употреба.

Едноставноста на изнајмување на тротинет, како и брзината на движење по улиците и избегнување на големите сообраќајни метежи, „освоила“ голем број на Американци (иако постои проблем со регулативата и прашање е каде тротинетите може да се движат, каде може да се оставаат, односно паркираат), а како начин на транспорт е сè попопуларен и во Европа.

Покрај компанијата Bird, во САД е исклучително популарен и Lime, а колку е голем потенцијалот на оваа компанија најдобро кажува фактот дека во неа имаат инвестирано пари Alphabet и Uber, додека неодамна Ford за речиси 100 милиони долари ја купил компанијата Spin која изнајмува е-ромобили. Исто така, Uber оваа година ја презеде и компанијата JUMP Bikes за споделување на електрични велосипеди која подоцна е преименувана само во Jump, а долгорочна цел на компанијата е изнајмување и на електрични ромобили.

Сите овие бројки говорат сами за себе не само за моменталната популарност на електричните тротинети и компаниите кои ги изнајмуваат, туку и за нивниот голем потенцијал и промена на начинот на кој луѓето го практицираат (јавниот) превоз. Во текот на следната година можеме да се очекуваат нови инвестиции на овој пазар, а ќе биде интересно да се види дали и други големи технолошки и автомобилски компании ќе се свртат кон оваа форма на транспорт.