Меѓу десетте најпродавани нема европски автомобили. Тоа се исклучиво јапонски и американски автомобили

Иако веќе се наближува средината на 2022 година, дури сега се објавени комплетните податоци за вкупната светска продажба на нови автомобили во 2021 година. Обработени се приближно 99 проценти од глобалниот пазар на нови автомобили.

Најголеми продажни добитници во 2021 година се Toyota и Tesla. Toyota затоа што апсолутно доминирала во продажбата и има дури четири модели на листата на 10 најпродавани, а Tesla затоа што Model 3 е првиот електричен автомобил во историјата кој се пробил на листата на десет најпродавани во светот. Со околу 508 илјади продадени примероци, Model 3 е на деветтото место пред Honda Accord (481.000).

На осмото место е пик-апот Toyota Hilux (548.000), кој сè уште е светски бестселер, но не толку успешен како поголемиот пик-ап на Ford, F-150 (7. место, 562.000) кој сè уште е омилен на Американците.

Остатокот од скалата, односно на првите шест места се исклучиво јапонски автомобили. Шестото место го држи компактниот SUV Honda HR-V со околу 670 илјади продадени примероци, на петто е големата лимузина Toyota Camry (681 илјади), а на четврто е компактниот седан Nissan Sentra (693 илјади).

Во првата тројка се два компактни теренци и еден класичен компакт. Третото место е за Honda CR-V со продадени 903 илјади примероци. На второто место е најпродаваниот модел на сите времиња, Toyota Corolla, од кои 1,104 милиони се продадени во 2021 година. Со 28.000 повеќе продадени единици (1,132 милиони), Toyota RAV4 е на врвот, што ја потврдува доминацијата на теренците и на овој јапонски производител.

Меѓу десетте најпродавани нема европски автомобили. Тоа се исклучиво јапонски и американски автомобили кои имаат најголем дел од нивната продажба во САД и Азија. Некои од нив не се ни продаваат во Европа (Accord, F150, Sentra) што исто така докажува дека Европа повеќе не е толку голем фактор на светскиот пазар.

По класи, ситуацијата изгледа вака: најпродаваниот мал SUV е Honda HR-V пред Volkswagen T-Cross, меѓу компактните теренци лидер е RAV4 пред Honda CR-V. Најпродаваниот теренец со средна големина е уште една Tesla, Model Y пред BMW X3. Меѓу големите теренци, најпродаван е Toyota Highlander пред Ford Explorer.

Најпродаваниот градски автомобил е модел за кој повеќето Европејци никогаш не слушнале, кинескиот електричен Wuling Hongguang Mini EV пред VW Polo. Во компактната класа, прва е Corolla пред Sentra и Civic. Најпродаваниот европски автомобил на сите времиња, Volkswagen Golf, повеќе не е меѓу првите пет во својата класа. Најуспешни во средната класа се Camry пред Model 3 и Accord, а во високата класа прв е BMW серијата 5 пред Mercedes E-Class и Audi A6. Ова е единствената класа на автомобили во која сè уште доминираат европските модели.