Дизајниран за долги растојанија: ID.7 е првиот електричен модел напојуван од новиот електричен мотор APP550 со 286 КС и 550 Nm

По компактниот модел ID.3, семејните ID.4 и ID.5, ID. Buzz и концептот ID. 2all, платформата MEB на Volkswagen за електрични возила се користи и за седан моделот ID.7 кој ја доживеа својата светска премиера.

Дизајн

Очекувањата се големи: ID.7 има задача да ја пополни празнината во понудата на Volkswagen по одлуката за стопирање на производството на Passat (кој, инаку, слави 50 години од претставувањето на првата генерација токму оваа година).

Сепак, концепциски, за разлика од Passat, тој не е седан со четири врати, туку еден вид „фастбек седан“ бидејќи има и петта врата во задниот дел.

Генерално, неговиот изглед и детали се базираат на останатите модели од семејството ID, со нијанса на поагресивен дизајн на предниот дел. Така, ID.7 има аеродинамички оптимизиран преден дел со тесни LED светла кои се поврзани со тенка светлосна лента.

Масивниот преден браник го насочува воздухот кон вертикалните отвори за воздух што, меѓу другото, придонесува за одличен коефициент на отпор од 0,23, кој е приближно ист како Tesla Model 3, најголемиот ривал на новиот ID. модел.

Задниот поглед е можеби најмалку возбудлив, но тој е масовно изведен и располага со LED светлосна лента со целосна ширина која свети црвено само кога се притиснати сопирачките, а дизајнерите вградиле и сјајно црн дифузер и интегриран спојлер.

VW ID. 7 има меѓуоскино растојание од 2.969 mm, што е 94 mm подолго во споредба со конкурентниот Tesla Model 3 и 20 mm подолго од, на пример, Hyundai Ioniq 6. Чисто за споредба, меѓуоскиното растојание е за 165 mm подолго од она кај постоечкиот Passat, за повеќе простор во кабината.

Новиот седан на VW има и луксузни димензии – долг е 4,96 метри, широк 1,82 метри и висок 1,54 метри, а ако надворешниот изглед би можеле да го наречеме класичен, истото не може да се каже за кабината и нејзиниот минималистички дизајн.

Салон

Наместо 12,3-инчна дигитална инструмент табла, ID.7 има мал екран кој се фокусира на прикажување на информации како што се предупредувања и моментална брзина, но главниот дисплеј со проширена реалност доаѓа како стандард и прикажува мноштво дополнителни информации. На некои несомнено ќе им недостига традиционалната табла инструменти, но од Volkswagen велат дека промената им овозможува на возачите да останат информирани без да го тргнат погледот од патот.

Во централниот дел на кокпитот доминира „лебдечкиот“ екран на 15-инчниот инфозабавен систем осетлив на допир, преку кој се контролираат речиси сите функции.

Од Volkswagen велат дека „графичкиот интерфејс и навигациското мени се значително реструктуирани и дека инфозабавниот систем е поинтуитивен и поприспособлив сега со два „тач барови“ како и копче за основниот приказ. Тука се и физички лизгачи на допир под екранот, како и гласовен асистент кој може да прилагоди широк опсег на поставки на возилото и да одговори на прашања за времето, на пример.

Она што особено треба да се истакне е високотехнолошкиот систем за контрола на климата со отвори кои автоматски се отвораат и затвораат и го дистрибуираат воздухот користејќи „динамични движења“ овозможени со „електронски контролирани вертикални и хоризонтални мотори“. Системот за контрола на климата започнува да работи веднаш штом ќе се приближите до возилото.

Во Volkswagen посветиле многу внимание и на предните седишта, кои се навистина прилагодливи за најдобра положба зад воланот, а тука е и функцијата Climatronic која користи сензори за температура и влажност за да го активира греењето или ладењето по потреба.

Дополнително, ergoComfort седиштата имаат десет воздушни перничиња во потпирачот за грб кои обезбедуваат пневматска масажа со точки на притисок, а седиштата ErgoPremium одат чекор понатаму бидејќи имаат две воздушни перничиња во површината на седиштето за „активирање на карлицата и рбетот“.

Погон и батерии

Поставен на добро познатата платформа MEB исклучиво за електрични модели, ID. 7 нуди два различни пакети батерии: моделот ID.7 Pro има батерија од 77 kWh (82 kWh бруто) и опција за брзо полнење од 170 kW DC. Ова треба да му овозможи на моделот да помине приближно 615 km во циклусот WLTP.

Помоќниот ID.7 Pro S има поголема батерија од 86 kWh (91 kWh бруто) која обезбедува опсег од приближно 700 km со едно полнење. Конечно, варијантата Pro S има малку поголема можност за брзо полнење од 200 kW DC.

Volkswagen ID.7 е првиот електричен модел напојуван од новиот електричен мотор APP550 од 286 КС и 550 Nm (претходните ID. модели имаа електрични мотори со максимална моќност од 150 КС).

Станува збор за трифазен синхрон мотор со перманентни магнети, кој со двостепен менувач со 1 брзина и инвертер формира погонски модул сместен на задната оска. Овој електромотор има ротор со посилни перманентни магнети, ново развиен статор со поголем ефективен број на намотки и напреден систем за ладење, кој треба да обезбеди висока ефикасност на погонскиот систем.

Возење

Моделот ID.7 ќе се нуди со подобрен Travel Assist систем за полуавтономно возење, кој комбинира центрирање на лентата со прилагодлив темпомат. Системот користи камери и податоци за навигација за да ги открие ограничувањата на брзината и соодветно да се приспособи. Системот нуди и дополнителна подобрена функција за промена на лентата.

Интересна е и функцијата Park Assist Pro со меморија, која функционира така што ID. 7 „се сеќава“ на последните 50 метри од маневарот за паркирање (на пример пред домот) и секогаш може да го повтори. Кога возачот ќе се врати на „зачуваната“ позиција за паркирање, ID.7 ќе понуди автоматско паркирање, а сопствениците ќе можат да излезат од автомобилот и да го користат својот паметен телефон за да го завршат маневарот.

Се уште не сепознати бројките за забрзување до 100 km/h, максималната брзина и потрошувачката на енергија, како и цените, но се знае дека ID.7 ќе се нуди низ целиот свет, а првите испораки во Европа, а можеби и Македонија, се планирани за ноември.

Моделот за Европа и САД ќе се произведува во Емден, Германија, додека моделот за кинескиот пазар ќе се произведува во Кина.