Ова е новиот Hyundai i20 / ФОТО+ВИДЕО
Јужнокорејскиот бренд ја претстави новата генерација на својот хеџбек од Б-сегментот
Јасно е дека Hyundai сакал да направи чекор во друга насока споредбено со претходниот модел и притоа успеал во тоа. Актуелниот дизајнерски стил на Hyundai нашол примена во овој модел и новиот i20 изгледа попривлечно од кога било досега.
На предниот дел на автомобилот доминира голема решетка, но благодарение на острите агли, сето тоа изгледа значително поспортско. Задниот дел од возилото претрпел детални промени, но се чини дека е за нијанса помалку привлечен од предниот.
Иако стана вообичаено автомобилите во Б-сегмент значително да пораснат од нивните претходници, тоа е случајот и со новата генерација i20, но не премногу. Така, идниот i20 е поширок од својот претходник за 30 mm, подолг за 5 mm, со подолго меѓуоскино растојание (+10 mm). Овој мал раст, исто така, овозможил поголем волумен на багажниот простор за 25 литри.
Она на што во Hyundai се најмногу горди кога станува збор за новиот i20 е технологијата. Корејците очигледно добро го слушале пазарот и разбрале што во моментов се претпочита, па така во понуда е дигиталнен инструмент панел со екран од 10,25-инчи како и дисплеј за контрола на инфозабавниот систем со иста дијагонала!
Hyundai наведува дека i20 доаѓа со безбедносен пакет SmartSense кој вклучува: „паметен темпомат“ кој работи на тој начин што преку Google Maps препознава на кој пат се наоѓа возилото, а со тоа се ограничува максималната брзина. Тука е и системот за предупредување за напуштање на сообраќајна лента, систем за одржување во лента, системот за предупредување за преден судир…
Што се однесува до гамата на мотори, во понуда се три единици – 1.2-литарска единица со 4-цилиндри и 84 КС во комбинација со петстепен мануелен менувач, потоа 3-цилиндерскa турбо варијанта достапна со 100 и 120 КС која може да се спари со шестстепен мануелен менувач или автоматски со двојна спојка и седум брзини, и на крајот благ хибриден систем од 48V со претходно споменатиот 3-цилиндерски мотор за кој Корејците тврдат дека овозможува помала потрошувачка на гориво помеѓу 3 и 4%.
Новиот Hyundai i20 својата официјална премиера пред публика ќе ја има на претстојниот саем за автомобили во Женева.