Ова е најекстремниот автомобил во историјата на Bugatti / ФОТО+ВИДЕО
Bolide во моментов е само концепт и не е одобрен за сериско производство
Францускиот производител Bugatti го покажа најекстремниот, бескомпромисен, најбрз и најлесeн автомобилски концепт во модерната историја на марката. Сега за сега, машината сè уште не е одобрена за сериско производство.
Моделот ориентиран на тркачките патеки е наречен Bolide. Нуди феноменален сооднос тежина / моќ од 0,67 килограми на една коњска сила. Тоа значи 1.850 коњски сили со 1.249 килограми (толку тежи и Ford Fiesta ST).
Овие вредности се овозможени со употреба на познатиот 8.0-литарски W16 мотор на Bugatti со четири турбини и погон на сите четири тркала, кој нормално развива 1.600 коњски сили, но во Bolide неговата моќ е зголемена за 250 КС.
Ова е постигнато благодарение на новите системи за проток на воздух и издув, редизајнираните турбополначи, новите сопирачки, системот за воздушно ладење…
Треба да се напомене дека максималната моќност може да се постигне само со употреба на гориво за тркачки автомобили со 110 октани. Со 98-октански бензин, бројката е иста – 1.600 КС, како и во верзијата Bugatti Chiron Super Sport 300+.
Во основа Bolide е многу лесен и истовремено тврд монокок од јаглеродни влакна. Истиот материјал се користи и во предниот и во задниот дел, а Bugatti тврди дека е издржлив како и металите во воздухопловната индустрија.
Покрај тоа, сите завртки и прицврстувачи се направени од титаниум. За некои детали се користела легура на титаниум, а се изработени со 3Д принтер. Керамичките сопирачки тежат само 2,4 килограми, а алуминиумските тркала 7,4 килограми напред и 8,4 килограми назад. Предните гуми се широки 340 mm, а задните 400 mm.