Освежување и дообликување за луксузниот некогаш Crossback, сега само DS7 / ФОТО+ВИДЕО
Францускиот луксузен кросовер модел DS 7 Crossback од средна големина беше претставен пред добри пет години, а кога беше лансиран, го означи почетокот на втората фаза од развојот на брендот DS. Велиме втората фаза затоа што сите претходни европски модели на DS беа дело на инженерите од Citroen, додека „седмицата“ е „чистокрвен“ DS
Освежениот DS7 за задржал формата на SUV кросовер со купе линија на задниот дел кој наликува на Peugeot 408 кој беше претставен минатата недела. Атрактивниот автомобил е дизајниран доста агресивно и комбинира спортски и елегантни линии. Особено впечатлив е предниот дел со тесни и напредни DS Pixel Led Vision 3.0 светла. Тркалата се со дијаметар од 19 до 21 инчи.
Претходно споменатите напредни светла се многу моќни и автоматски се прилагодуваат на сообраќајот. Едно светло се состои од три модули, а главниот модул има дури 84 LED диоди. Снопот на светлата е широк дури 65 метри, а долгите светла осветлуваат до 380 метри пред автомобилот. DS, исто така, многу добро ги вклопил дневните светла, кои се протегаат во линии на браникот.
Внатрешноста е полна со напредни и луксузни материјали. На седиштата е поставена најфината Nappa кожа, а слични материјали се користени и за обложување на арматурата и вратите. Кожните навлаки за седишта се направени од едно парче кожа, без шевови, а од DS истакнуваaт дека кожата е со врвен квалитет од кравите кои имале убав живот на полиња без огради од бодликава жица. Во понудата се и други видови кожа како и вештачки материјали како Alcantara. Тука е и амбиенталното осветлување кое може да се персонализира.
За погон ќе се користат бензински, дизел и plug-in хибридни системи. Во понуда е познатиот мотор BlueHDi со 130 КС, а бензинските мотори ќе се нудат само на пазарите надвор од Европа. Станува збор за бензинците PureTech со 130, 215 и 225 КС. DS најмногу ги истакнува plug-in хибридите со 225, 300 и 360 КС. Послабите два системи веќе се користат во многу модели како Peugeot 3008 и Opel Grandland, додека најмоќниот е земен од Peugeot 508 PSE.
Најслабиот plug-in хибрид има бензински мотор од 180 КС потпомогнат од електричен мотор и погон на предните тркала, додека двата помоќни бензински мотори од 200 КС, два електромотори и погон на сите тркала. Батеријата има капацитет од 14,2 kWh што е доволно за досег до 65 km во циклусот WLTP.
Топ модел во понудата е DS 7 E-Tense 4×4 360, кој е специјално доработен во одделот DS Performance. Покрај plug-in хибридниот погон со 360 КС, автомобилот има и систем DS Energy Coach за поддршка на возачот со следење на фазите на сопирање за да се подобри регенерацијата на енергија. Автомобилот е спуштен за 15 mm, меѓуоскиното растојание е пошироко, а предните сопирачки се со дијаметар од 380 mm. Забрзува до 100 km/h за 5,6 секунди.
Инфозабавниот систем е една од најголемите иновации на овој автомобил. Има целосно редизајниран интерфејс и систем за препознавање говор. Екранот е со дијагонала од 12 инчи. Тука е и новата технологија DS Active Scan Suspension за следење и прилагодување на амортизерите со помош на уникатна камера за класата која ја прилагодува суспензијата на секое тркало поединечно. Системот DS Night Vision користи инфрацрвени камери за да ги предупреди пешаците, велосипедистите и животните кои можеби не се осветлени во текот на ноќта. Истиот систем го видовме претходно на Peugeot 508.
ФОТО ГАЛЕРИЈА
[useyourdrive dir=”1cMFWySwC6qvi9wjp7AlMrecDNh_Me_4X” maxheight=”480px” mode=”gallery” viewrole=”administrator|editor|author|contributor|subscriber|guest” downloadrole=”all” showfolders=”0″ showsharelink=”1″ showrefreshbutton=”0″ search=”0″ showbreadcrumb=”0″]
Новиот DS7 за Европа ќе се произведува во фабриката во Мулхаус, Франција. Нарачките стартуваат на 11 јули, а автомобилот ќе биде достапен во салоните од септември. Цените се уште не се познати.