По неколку месечни шпекулации, Alfa Romeo денеска потврди дека од следната година на тимот ќе му се приклучи возачот на Mercedes, Валтери Ботас и тоа со повеќегодишен договор.

„Се отвора ново поглавје во мојата кариера. Возбуден сум што ќе се приклучам на тимот на Alfa Romeo Racing ORLEN од 2022 година, што ќе биде нов предизвик со култниот производител“, вели Ботас.

„Горд сум на она што го постигнав во Брекли и целосно сум фокусиран да ја завршам работата додека се бориме за уште едно Светско првенство, но исто така со нетрпение ги очекувам новите предизвици што ме чекаат следната година“. 

Фредерик Васер од Alfa Romeo додава:

„Задоволство е да му посакам добредојде на Валтери во тимот и со нетрпение го очекуваме нашето заедничко патување. Со него, носиме силен тимски играч со големо искуство во Хинвил “.

„Повеќегодишниот договор, на Валтери и на тимот им ја дава стабилноста што ни е потребна за да го изградиме нашиот проект во клучно време за Formula 1. Возбудени сме за тоа што ни носи иднината“.

Веста доаѓа откако Кими Раиконен објави дека ќе ја напушти Alfa Romeo и ќе се пензионира на крајот од сезоната. Италијанскиот тим се уште не одлучил кој ќе биде партнер на Ботас во 2022 година. Претпоставуваме дека многу брзо ќе се знае наследникот на Ботас во тимот на Mercedes, а тоа скоро сигурно ќе биде Џорџ Расел.