Новиот производител на електрични хиперавтомобили од Хрватска и суперлуксузната француска марка се споија во еден субјект

Минатиот месец се појави извештај кој сугерираше дека култниот производител на најпрестижните автомобили во светот ќе се спои со „електричната“ стартап компанија, за сега работите конечно и да се официјализираат. Porsche, Rimac и Bugatti се здружија како дел од новиот потфат наречен Bugatti-Rimac, со седиште во Загреб, отворајќи ги вратите за нови вработувања до крајот на оваа година.

Хрватската компанија сега поседува 55 проценти од акциите на Bugatti-Rimac, додека останатите 45 проценти е во сопственост на Porsche. Покрај тоа, германската компанија сè уште поседува 24 проценти од Rimac, по инвестицијата од 70 милиони евра во март годинава.

Bugatti-Rimac иницијално ќе произведува две возила во рамките на новото партнерство: сегашниот W16 Chiron сè уште е под француската марка, додека Nevera доаѓа со ознаката Rimac. Chiron ќе продолжи да се произведува во фабриката во Молсхајм во Франција. Во иднина, заеднички ќе се развиваат неколку модели на автомобили, сите ќе бидат хибридни или чисто електрични. Сепак, сè уште не е јасно каде компанијата планира да ги произведува тие возила.

„Ова заедничко вложување е привремена кулминација на стратешкиот синџир на инвестиции“, изјави Лук Мешке, член на извршниот одбор. „Првиот пакет акции во Rimac го купивме во 2018 година и оттогаш успешно го зголемивме нашиот удел. Воспоставивме блиски односи со Мате и неговиот исклучително иновативен тим доста рано“.

Иако Bugatti и Rimac се во центарот на вниманието, Porsche ќе има важна стратешка улога во ова заедничко вложување. Шефот на германската марка, Оливер Блуме и потпретседателот Лук Мешке, ќе бидат членови на надзорниот одбор на новиот субјект. Во меѓувреме, триесет и тригодишниот Мате Римац ќе биде генерален директор на Bugatti-Rimac.

„Ова е навистина возбудлив момент“, вели Римац. „Rimac Automobili порасна многу брзо и ова заедничко вложување ја подигнува компанијата на сосема ново ниво. Bugatti и Rimac совршено се вклопуваат заедно и даваат важен придонес во имотен смисол, со цел да создадат специјални проекти во иднина“.