Во пресрет на трката во Имола, доаѓа информацијата дека Alfa Romeo ќе го задржи истиот возачки пар и следната Formula 1 сезона

Фредерик Васер изрази задоволство од континуираната соработка со двајцата возачи и ги пофали за нивната работа и напор во последните месеци да ја вратат Alfa Romeo на вистинскиот пат.

„Презадоволен сум што следната сезона ќе го имаме истиот состав на возачи со Кими и Антонио. Кими е возач на кој не мора да трошиме зборови и тој секогаш го извлекува максимумот од болидот. Иако е на гридот од 2001 година, верувам дека сè уште има мотивација и волја за понатамошно подобрување на болидот и постигнување добри резултати. Антонио, од друга страна, забележа голем напредок во споредба со минатата сезона, што е евидентно и во резултатите и во однесувањето надвор од патеката. Неговите работни навики и посветеноста кон работата се нешто што сигурно му донесе нов договор и се надевам дека следната сезона ќе има клучна улога во тим каков што е овој“, вели Васер.

Кими Раиконен ќе ја започне својата 19-та сезона во Formula 1 во март следната сезона, доколку пандемијата на коронавирус не го наруши почетокот на новата сезона. Tој вели дека е исклучително задоволен од продолжувањето на соработката со тимот на Alfa Romeo.

„За мене, Alfa Romeo е повеќе од тим, тоа е моето второ семејство – со некои го започнав патот во Formula 1 пред 19 години и се радувам на нови предизвици следната година. Во тимот владее одлична работна атмосфера и мислам дека заедно можеме да напредуваме следната сезона“.

Антонио Џовинаци му се заблагодари на тимот за довербата и се надева дека следната година тимот ќе биде во подобра позиција да се бори за повисоките места во поредокот.

„Во последните две години, Alfa Romeo беше моето семејство во Формула 1 и јас сум исклучително задоволен што имам можност да возам за тимот и следната сезона. Екипата покажа дека верува во моите способности, а јас дадов и секогаш ќе го давам својот максимум за тимот за да постигне добар резултат. Мислам дека многу напредував во споредба со пред две години, но ни претстои уште долг пат и сите мора да работиме заедно за да се вратиме таму каде што припаѓа овој тим“, заклучува Џовинаци.