Официјално: Мик Шумахер е новиот возач на Haas F1!
Официјално е потврдено дека Мик Шумахер, синoт на седумкратниот светски шампион во Formula 1, Михаел Шумахер, следната година ќе влезе во елитата и ќе се натпреварува во Светскиот шампионат во Formula 1 за тимот на Haas
Мик ќе биде тимски колега на Никита Мазепин, кој вчера беше потврден од Haas.
Тимот Haas се одлучи да направи целосен пресврт во однос на нивната возачка постава. Претходно оваа година беше објавено дека Кевин Магнусен и Ромен Грожан нема да продолжат со американскиот тим, за сега и официјално да биде потврдено дека тимот следната година ќе го претставуваат двајцата новајлии во Formula 1 – Никита Мазепин и Мик Шумахер.
Welcome, Mick! ??#HaasF1 pic.twitter.com/DdKw3m0zxC
— Haas F1 Team (@HaasF1Team) December 2, 2020
Ова е релативно очекуван исход со оглед на тоа дека шпекулациите беа присутни со недели. Двајцата се во врвот на Formula 2 шампионатот, а Шумахер дури и шанса да стане шампион во оваа категорија. Во пресрет на решавачкиот викенд, тој има 14 поени повеќе од второпласираниот во официјалното рангирање.
„Презадоволен сум што можам да го потврдам Мик Шумахер како член на нашата возачка постава за следната сезона и со нетрпение го очекувам во нашиот тим. Шампионатот во Formula 2 долго време служи како место за докажување на млади таленти, а оваа сезона несомнено е една од најконкурентните во последните години. Мик победуваше во трки, освојуваше подиуми и надмина некои извонредни таленти во 2020 година“.
„Цврсто верувам дека со неговите настапи ја заслужи можноста да се пресели во Formula 1. Имаме можност пред нас, како тим, да проценуваме и обучуваме нови возачи кои го знаат нашиот тркачки пакет за 2021. Ги поставуваме темелите за континуиран и долгорочен раст на тимот и се надеваме на придонесот на Мик во тој процес, во и надвор од патеката“, вели Штајнер.
Мик Шумахер е член на академијата за возење на Ferrari и син на седумкратниот светски шампион Михаел Шумахер. Оваа сезона, тој се натпреварува за Prema Racing во Formula и има постигнато дури 10 пласмани на подиумот, вклучувајќи и две победи – во Монца и Сочи. Во моментов е на добар пат да ја заврши својата втора сезона во натпреварувањето со титулата шампион.
„Фактот што ќе бидам на гридот во Formula 1 следната сезона ме прави неверојатно среќен и едноставно немам зборови. Би сакал да им се заблагодарам на екипите на Haas F1, Scuderia Ferrari и Академијата за возење на Ferrari што веруваа во мене. Исто така, сакам да ја истакнам мојата љубов кон моите родители затоа што знам дека им должам сè“.
„Отсекогаш верував дека ќе го остварам својот сон за возење во Formula 1. Ќе дадам се од себе, како што секогаш правам и со нетрпение го очекувам ова патување со Haas и фановите, на кои исто така сакам да им се заблагодарам за нивната голема поддршка во текот на мојата кариера“, вели младиот Шумахер.
Мик ќе стане третиот член на семејството Шумахер во Formula 1, по таткото Михаел и чичко му Ралф. Своите подготовки за следната сезона треба да ги започне на годинешното ГП во Абу Даби, кога треба да вози на првиот слободен тренинг, а потоа и да тестира на истата локација.