McLaren на својата веб-страница потврди дека ја продолжиле соработката и потпишале нов договор со Ландо Норис кој останува со тимот и во следните сезони

Норис е член на семејството McLaren од 2017 година, најпрво како тест возач, а од 2019 година и како возач кој заедно со Карлос Саинз го формираше возачкиот двоец кој го издигна тимот од „бездната“.

Зак Браун кратко изјави дека е многу задоволен од продолжувањето на соработката и дека како тим сакаат да ја одржат стабилноста со двајца исти возачи следната сезона.

„Исклучително сум задоволен што Ландо ќе остане член на семејството McLaren и по оваа сезона. Тој беше еден од клучните фактори за враќање на „старите патеки“ и можеме да кажеме дека сме горди на тоа како напредува уште од неговиот старт во Formula 1. Ландо е еден од најголемите таленти во овој спорт и среќни сме поради продолжувањето на соработката “.

Шефот на тимот, Андреас Сеидл, вели дека продолжувањето на соработката било прилично едноставно заради се што покажал младиот возач на патеката, но и надвор од неа.

„Нашата одлука да го задржиме Ландо и од следната сезона па натаму беше многу едноставна заради сè што тој покажа во изминатите сезони. Веќе во првата година со нас тој покажа одлични квалитети, и како што одминува времето тој станува сè подобар. Минатата сезона постигна одлични резултати и два подиума, а исто така многу помогна и во напредокот на нашиот тим“.

„Имаме јасни цели со него во иднина и јас сум исклучително задоволен што заедно ќе одиме кон тие цели во наредните години. Ландо и Даниел ќе бидат исклучително брз возачки пар и следната сезона, и ова продолжување е само резултат на добрите односи внатре во тимот“, вели тој.

Кога го потпиша новиот договор, Ландо Норис изјави дека се чувствува дел од семејството на McLaren и дека не може да замисли кариерата да ја продолжи во друг тим.

„Навистина сум среќен што ја продолжив соработката со McLaren и по оваа сезона. Поминав скоро пет години како член на семејството McLaren и напредував во секој сегмент, па не можам да замислам да ја продолжам кариерата на друго место во овој момент“.

 

„Моите цели се прилично јасни: Сакам да победувам и да ја освојам светската титула и сакам да го постигнам тоа со во овој тим. Нашиот напредок е доста видлив од самиот почеток и не се сомневам дека ќе го постигнам тоа. Би сакал да им се заблагодарам на Зак и Андреас за поддршката од самиот почеток и на целиот тим за можноста да направат понатамошен напредок. Во изминатите години веќе имавме неколку неверојатни резултати, и заедно со Даниел верувам дека можеме да постигнеме уште подобри резултати во следните години“, заклучува Норис.