Официјално доделено блескавото признание „Автомобил на годината во Македонија 2018“ на Dacia Duster
Националното жири за избор на „Автомобил на годината во Македонија“ годинава се организира по 23. пат и е најстарата манифестација од ваков тип во Македонија
Од моделите пристигнати на македонскиот пазар помеѓу двата избора, Националното жири за избор на „Автомобил на годината во Македонија“ оваа година реши наградата да му ја додели на моделот Dacia Duster, а вчеравечер на свечена манифестација во винаријата Камник на која присуствуваа бројни гости, пријатели на импортерот и љубители на автомобилите и официјално беше доделена.
Претседателот на стручното жири по своето обраќање и образложување на одлуката во име на жирито, г-динот Горан Антевски, статуетката во форма стилизиран ладилник му ја предаде на г-динот Жељко Барбарич – менаџер за продажба на групацијата Renault за регионот Адриатик.
„Националното Жири се раководеше од шест критериуми: адекватност и понуда на домашниот пазар, економичност и еколошка прифатливост, безбедност и примена на технолошки достигнувања, возни својства, дизајн и комфор и опременост. Секогаш е тешко да се одбере најдобриот во сегментот на пазарот што постојано расте, но моделот Dacia Duster не е само уште едно СУВ возило. Тоа е автомобил што сигурно ќе ги задоволи личните, семејните, па дури и бизнис потребите. Dacia Duster се издвои според критериуми што се особено важни за македонскиот пазар, како што се адекватност и понуда на домашниот пазар, каде Dacia Duster ја направи решавачката предност“, рече во своето обраќање г-дин Горан Антевски.
„За групацијата Renault 2017–та година беше исклучително важна. Алијансата со NISSAN се покажа како неверојатно успешна приказна која го осигури местото број 1 на светско ниво. Исто така групацијата оствари 4 рекорди по број на продадени возила, вкупни приходи, нето добивки и оперативна маржа. Со модели како што е новиот Dacia Duster и вакви партнери во Македонија како Аутомотив Груп сигурен сум дека пред нас се нови рекорди“, рече г-дин Жељко Барбарич.
Од оваа година, Националното Жири за Избор на автомобил на годината во Македонија воведе уште едно признание насловено „Томислав Билјарац“, во чест на доајенот на македонското автомобилско новинарство и прв претседател на македонското жири за Избор за автомобил на годината. Наградата ќе се доделува за посебни придонеси и резултати во автомобилската индустрија.
Оваа година, одлуката на Националното Жири за избор на автомобил на годината во Македонија беше признанието „Томислав Билјарац“ да му биде доделено на Владимир Воиновски од Еуроимпекс.