Она за што се шпекулираше вчера, ја доби и својата официјална потврда утрово – Џорџ Расел ќе го замени Луис Хамилтон во Mercedes за ГН на Сакхир, а Џек Ајткен ќе седне во болидот на Williams како замена за Расел

Луис Хамилтон ќе ја пропушти ГН на Сакхир поради позитивен тест на Covid-19, а во неговиот болид како замена ќе седне возачот на Williams Џорџ Расел. Ова е голема шанса за младиот Британец за докажување на можностите и директна споредба на неговите и можностите на Ботас.

Иако Расел на некој начин е возач на Mercedes, раководството на тимот мораше да го убеди Williams да го позајми британскиот возач.

„Како прво, сакам да им се заблагодарам на сите во Williams што ми ја дадоа оваа можност. Овој викенд можеби носам различно одело, но јас сум возач на Williams и ќе навивам за мојот тим на секој чекор. Ова го гледам како одлична можност да научам од најдобриот тим на гридот и да се вратам како подобар возач, со уште поголема енергија и искуство да го истуркам Williams кон врвот на пласманот. Голема благодарност до Mercedes што верува во мене“, вели Џорџ Расел и дополнува: „Јасно е дека никој не може да го замени Луис, но јас ќе дадам се од себе за тимот од моментот кога ќе се качам во болидот. Што е најважно, му посакувам брзо закрепнување. Навистина ја очекувам оваа можност и едвај чекам да излезам на патеката“.

Расел ја завршува својата втора сезона во Formula 1. Тој сè уште го чека првиот бод, иако оваа сезона неколкупати беше блиску до тоа. Искуство со болидот на Mercedes има бидејќи веќе неколку пати го тестирал, последен пат минатата година во Абу Даби. Во овогодинешните квалификации, Расел ниту еднаш не беше победен од клупскиот колега, па сега ќе биде вистинска можност како ќе биде во споредба со Ботас.

Следствено, свое деби во Formula 1 ќе има Џек Ајткен, кој ќе го замени Расел во болидот на Williams. Тој редовно соработуваше со Williams во текот на целата оваа сезона и дури имаше можност да вози на слободниот тренинг за ГН на Штаерска.