Официјално: Австралиското ГП во Formula 1 откажано!
Она што се шпекулираше, доби и официјална потврда – ГН на Австралија која требаше да се одржи овој викенд е откажана поради ризик од пандемија на коронавирус.
Претходно McLaren објави дека нема да учествува на трката во Алберт Парк, откако беше потврдено дека член на тимот е позитивен на тестот за коронавирус. ГН на Австралија со која требаше да започне 71. Formula 1 шампионат е само еден од многуте откажани спортски настани на глобално ниво.
„Откако се потврди дека член на тимот на McLaren е позитивен на тестот за вирусот СОVID-19 и последователната одлука на тој тим да се повлече од ГН на Австралија, FIA и Formula 1 во четвртокот вечерта свикаа состанок со преостанатите девет тимски шефови. Дебатата заврши со мнозински став на тимовите дека трката не треба да се одржи.
FIA и Formula 1, со целосна поддршка од организаторите на ГН на Австралија (AGPC), одлучија да ги откажат сите активности поврзани со трката во Мелбурн. Свесни сме дека ова е многу разочарувачка вест за илјадници фанови кои требаше да присуствуваат на трката, но сите иматели на билети ќе добијат надомест. “
Иако се вложи многу труд да се одржи првата трка во Светскиот шампионат во Formula 1 во Мелбурн, сепак заклучокот е дека безбедноста на сите членови на семејството Formula 1 и пошироката заедница, како и рамноправноста во натпреварувањето, имаат предност во овој случај“, се вели во соопштението на Светската автомобилска федерација.
Како и да е, ова беше очекувана одлука. Организаторите до последен момент велеа дека трката ќе се одржи според планираното. Гледачите веќе почнаа да се собираат на влезовите на патеката, но не им беше дозволено и да влезат внатре. Премиерот на сојузната држава Викторија изјави дека трката евентуално може да се одржи пред празни трибини, но наскоро потоа дојде и конечното откажување на трката. Дури и пред официјалното соопштение, се шпекулираше дека некои од возачите веќе го напуштиле Мелбурн.
Интересно први кои побараа откажување на трката, беше тимот на Mercedes.
„Ние го делиме разочарувањето со фановите на овој спорт затоа што оваа трка нема да се одржи според планираното. Сепак, физичкото и менталното здравје на членовите на нашиот тим и пошироката F1 заедница е наш апсолутен приоритет.
Во врска со настаните кои ги доживуваме како резултат на пандемијата на коронавирус, повеќе не чувствуваме дека е можно да се гарантира безбедноста на нашите вработени доколку продолжиме да учествуваме на настанот.
Сочувствуваме со луѓето погодени од влошената состојба во Европа, особено во Италија и чувствуваме дека не би било исправно да учествуваме во трката, додека нашите ривали, како McLaren, не би можеле да го сторат тоа заради околности кои не се нивна контрола. Затоа нашиот тим ќе започне рано наутро ќе започне со пакување“, се вели во писмото од Mercedes до FIA и Formula 1 раководството.
Сега се поставува прашање дали оваа одлука ќе води до откажување или одложување и на следните две трки, Гран-при на Бахреин и Виетнам, кои треба да се одржат на 22 март и 5 април.