Официјална потврда: Крај за бензинците и дизелите!
За 12 години повеќе нема да може да се продаваат нови автомобили со дизел и бензински мотори, туку само нови возила со нула штетни емисии
Европскиот парламент денеска даде конечно одобрение за задолжителна имплементација на нула стапка на емисии за нови автомобили и комбиња од 2035 година, што значи дека за 12 години повеќе нема да се продаваат нови автомобили на бензин и дизел.
Новите стандарди за емисија на CO2 за автомобили и комбиња беа поддржани со 340 гласови за, 279 против и 21 воздржан. Според пишувањата на западните медиуми, указот бил поддржан од претставници на социјалдемократите, зелените и либералите.
„Оваа регулатива го поттикнува производството на возила со нула и ниски емисии (…), а овие цели обезбедуваат јасност на автомобилската индустрија и ги поттикнуваат производителите на автомобили да иновираат и инвестираат. На потрошувачите купувањето и користењето на возила со нула емисии ќе им биде подостапно, а побрзо ќе се развие и пазарот на користени возила. На тој начин одржливиот транспорт ќе стане достапен за секого“, велат либералите.
За 12 години повеќе нема да може да се продаваат нови дизел и бензински мотори, туку само нови возила со нула штетни емисии. Преодните цели за намалување на штетните емисии за 2030 година се 55 отсто за автомобили и 50 отсто за лесни комерцијални возила.
Во пракса, тоа значи дека новите автомобили и комбиња на пазарот повеќе нема да смеат да испуштаат CO2, но автомобилите со мотори со внатрешно согорување нема да исчезнат од патиштата.
И по 2035 година, граѓаните и понатаму ќе можат да ги возат своите постоечки автомобили со мотори со внатрешно согорување, па дури и да купуваат користени автомобили на бензин и дизел.
По конечното гласање на пленарната сесија на Европскиот парламент, текстот сега треба уште треба формално да биде одобрен од Советот пред да биде објавен во Службениот весник на ЕУ.