Официјален крај за „бубачката“ на Volkswage / ФОТО+ВИДЕО
Во вторникот на 9 јули, 2019 година, од производните ленти на фабриката во Мексико, е симната последната Буба, со што и официјално е ставен крај на 81-годишната кариера на еден од најпознатите автомобили во историјата на индустријата
Без оглед на тоа дали ви се допаѓа или не, тешко е да се нема почит за автомобилот кој има привлечено толку многу клиенти во текот на своите осум децении постоење и револуција во индустријата на разрушената Европа по Втората светска војна.
Beetle првично e претставен во 1938 година, а официјалната приказна вели дека е развиен од Фердинанд Порше според идејата на Адолф Хитлер. Иако постои теорија дека „татко“, всушност е еден Евреин, според пишаната историја, Хитлер сакал национален автомобил за Германците исто како што бил Ford Model Т за Американците.
За време на војната, од фабрика излегле многу мал број на примероци, главно за потребите на армијата, а британскиот генерал Иван Хирст производството го рестартирал во повоениот период. Оригиналниот модел ќе се произведува, без големи промени, до 2003 година, а во тој период биле испорачани 21.529.464 единици.
Автомобилот првично бил наречен KDF, што е кратенка од нацистичката парола „Kraft durch Freude“ или „Сила низ радост“, а дури по војната го добива своето официјално име – Volkswagen Type 1, иако во светот ќе биде познат како Beetle, или „буба“.
Паралелно со оригиналната „Буба“, во 1998 година, производителот презентира модерна верзија под името New Beetle. Таа исто така се произведуваше во Мексико, а за нејзиниот развој клучна улога има внукот на Фердинанд Порше, Фердинанд Пих. Новата Буба до затворањето на производството го има најдено патот до над 1,7 милиони од целиот свет.
Автомобилот што стави крај на производството на овој легендарен модел е во Denim Blue нијанса и нема да биде понуден на продажба, туку веднаш се сели во Музејот на Volkswagen во Пуебла.