Челниците на Formula 1 го објавија календарот за следната сезона. 

Така, во 2022 година ќе гледаме 23 трки. Сезоната ќе започне во Бахреин на 20 март и ќе заврши во Абу Даби на 20 ноември. Новина во календарот е трката во Мајами, која ќе се одржи на 8 мај. Поради ситуацијата со пандемијата, за сега нема да ја гледаме трката во Кина.

Повратници на календарот се Австралија, Канада, Сингапур и Јапонија, а следната сезона повторно ќе ја гледаме трката за ГН на Емилија Ромања на патеката во Имола.

„Сезоната 2022 следи по две тешки години на пандемија. Ковид -19 предизвика намалување на календарот за 2020 година, така што имавме 17 трки, а оваа 2021 година имавме 22 трки (наместо планираните 23) – огромно достигнување со оглед на меѓународната природа на спортот“, стои во официјалното соопштение на челниците во Formula 1.

 

„Фантастично е што ги видовме навивачите на трибините оваа сезона. Ќе продолжиме да ја обезбедуваме нивната безбедност во согласност со националните упатства“.

 

„Пандемијата се уште е предизвик за сите нас, но целиот спорт покажа способност да реагира и да се прилагоди на секој предизвик со кој се соочува. Се надеваме дека со текот на времето влијанието на вирусот ќе ослабне во наредните месеци, ќе продолжиме да ја следиме ситуацијата и ќе продолжиме тесно да соработуваме со промоторите и националните влади“.

Изјави дадоа и претседателот на Formula 1, Стефано Доменикали и претседателот на FIA, Жан Тод.

„Возбудени сме поради објавувањето на календарот за следната сезона. Тоа е дел од подготовката за нова ера на спортот со нови правила за да има поквалитетни трки следната сезона. Оваа сезона беше неверојатна досега, со многу борби на патеката, навивачите се вратија на патеката по се што беше предизвикано од пандемијата. Се надеваме дека во 2022 година се ќе се врати во нормала по овие промени што ги доживеавме во последните две години“, вели Доменикали.

„Импресивниот календар за 2022 година е резултат на одличната работа на Formula 1, заедно со првиот човек Стефан Доменикали, неговиот тим и FIA. Очекуваме возбудлива 2022 сезона, со целосно нови правила и болиди“, вели Тод.