Peugeot oфицијално објави технички детали и галерија од фотографите од втората генерација на 208-та во пресрет на светската премиера закажана за 5 март

Делумно, со дизајнот на новиот 208, имавме можност да се сретнеме минатата недела, бидејќи на интернет „протекоа“ неколку промо фотографии на овој автомобил. Сега имаме можност и официјално новата 208-ца да ја погледнеме од сите агли.

Новата, втора генерација на европскиот бестселер на Peugeot е поставена на CMP (Common Modular Platform) механичката платформа, благодарение на која масата на празно возило во просек е помала за околу 30 килограми во споредба со претходникот.

Покрај заштедата во маса, новата механичка основа придонесува и за намалување на бучавата и вибрациите додека се возите, па долгите патувања ќе бидат поудобни, велат од компанијата.

За почеток, Peugeot на своите потрошувачи ќе им понуди 1.2-литарски турбо бензински мотор и 1.5-литарски 4-цилиндерски дизел. Бензинската единица произведува 75 КС и ќе се испорачува исклучиво со 5-брзински мануелен менувач. Дизел моторот располага со 100 коњски сили и е спарен со 6-брзински мануелен менувач. Peugeot подоцна ќе ја прошири понудата со уште два бензински мотори.

Верзијата со 100 КС користи 6-брзински мануелен менувач или осум-брзински автоматик како опција, додека најмоќниот бензински мотор доаѓа со 130 КС и е опремен со стандарден автоматски менувач со 8-степени на пренос.

Најголемата вест на полето на моторизација е воведувањето на целосно електрична верзија, со ознаката e-208. Овој автомобил со електрична енергија се напојува од 50 kWh пакетот на батерии, а погон е електромотор со 136 КС (100 kW) и 260 Nm. Peugeot e-208 од 0 до 100 km/h забрзува за 8,1 секунди.

Батерискиот пакет е сместен под подот на салонот за патници, а автомобилот е во состојба да се движи до 340 км (според новиот WLTP циклус) пред повторно полнење на батериите. Електричната 208-ца може да се полни и на брз, 100 киловатен полнач и тогаш се потребни 30 минути за дополнување на батеријата до 80% од нејзиниот капацитет. Ако се полни на 7,4 киловатен полнач за целосно полнење се потребни 8 часа, а на полнач од 11 киловати, 5 часа и 15 минути.

Peugeot гарантира дека батериите ќе задржат 70% од нивниот почетен капацитет и по 8 години употреба или 160.000 km.

Новата 208-ца доаѓа со голем број на модерни системи за асистенција вклучувајќи адаптибилен темпомат со stop&go функција, систем за „центрирање“ на позицијата на автомобилот во сообраќајната лента по која се движи, систем за автоматско паркирање, автоматско сопирање во итни случаи, систем за откривање на замор кај возачот, систем за распознавање на сообаќајни знаци, предупредување за друго возило во мртвиот агол …

Новиот Peugeot 208 ќе се продава со пет нивоа на опременост: Access, Active, Allure, GT Line и GT, а електричниот e-208 ќе има свој специјален пакет.

ФОТО ГАЛЕРИЈА

[useyourdrive dir=”1gKpdWhnX3nfTrd7_lQjRxuXAKvPku3u3″ maxheight=”480px” mode=”gallery” viewrole=”administrator|editor|author|contributor|subscriber|guest” downloadrole=”all” showfolders=”0″ showsharelink=”1″ search=”0″ showbreadcrumb=”0″]

Светската премиера на овој автомобил ќе се одржи на 5 март на Саемот за автомобили во Женева, а продажбата ќе започне ова лето.