Ново бојно поле за автомобилската индустрија
Пред само десет години, во повеќето автомобили, имаше само мал дисплеј кој покажуваше која радио станица е вклучена. Ситуацијата е драматично променета, така што сега големината на дисплејот е поле за голема битка помеѓу производителите на автомобили
Според последните податоци, просечната големина на екранот кај автомобилите пораснала за дури 2,5 сантиметри во последните пет години. Покрај тоа, бројот на возила со екран поголем од 7 инчи „скокна“ за скоро 75% за истиот период.
Големината на екранот е особено евидентна во сегментот на камиони, каде американскиот RAM неодамна ја шокираше јавноста со 12-инчен дисплеј во редизајнираниот модел 1500.
Ford се очекува да ја понуди истата дијагонала на екран во F-150 за 2021 година, а веќе потврди дека ќе го поддржува мултимедијалниот систем SYNC 4 дизајниран за сместување на екрани од 8 до 15,5-инчи.
Екранот доминира и во ентериерот на неодамна претставениот електричен кросовер Mustang Mach-E, што ја прави таблата од 10,2 инчи „невидлива“. Wall Street Journal наведува дека е втор по големина екран чувствителен на допир на пазарот, само 2 инчи помал од 17-инчниот дисплеј кој Tesla го вградува во Model S и Model X.
Големите екрани стануваат стандардни и во Европа. Така, редизајнираните Alfa Romeo Giulia и Stelvio го исфрлуваат стандардниот 6,5-инчен екран и го заменуваат со нов 8,8-инчен дисплеј.
Тоа е дури и релативно мал дисплеј во споредба со оној во Volkswagen Touareg и Tesla Model 3, кои имаат 15-инчен екран за мултимедијата.
Mercedes нуди неколку модели во кои има пар 12,3-инчи дисплеи од контролната табла и мултимедијата, додека Audi и jaguar Land Rover дури имаат систем со три екрани.
Останува да се види дали традиционалните производители на возила наскоро ќе тргнат по патот на кинескиот Byton, кој претстави екран од дури 48-инчи во својот модел М-Byte.