Загадувањето сериозно ја загрозува нашата планета, како и сите живи суштества, вклучително и нас самите

Резултатите од неодамнешното истражување на Кралскиот колеџ во Лондон предупредуваат дека живеењето во близина на фреквентни сообраќајници носи значителни и многу негативни здравствени ризици. Ризикот од карцином на белите дробови, на пример, се зголемува за 10 проценти ако живеете на 50 метри оддалеченост. 

Инаку, групата која стои зад извештајот е составена од коалиција од 15 невладини организации од областа на здравството и животната средина, со заклучоци донесени по анализата на податоците од неколку големи градови во Велика Британија и Полска.

Податоците вклучуваат и академски студии и информации од медицински установи во врска со видот на респираторни компликации што ги искусиле луѓето кои живеат во области со фреквентен сообраќај, во споредба со оние кои живеат во помалку загадени области.

Покрај зголемувањето на ризикот од заболување од карцином, живеењето рамо до рамо со сообраќајот 24 часа на ден резултира со 14 проценти повисока стапка на астма кај деца и тинејџери, но и почести раѓања на деца со недоволна тежина. Покрај тоа, заболувањата на срцето и крвните садови, како и заболувања на белите дробови, исто така, се почести поради вдишување на токсични соединенија од издувните гасови.

Целта на истражувањето е да се алармира јавноста и да се потенцира потребата да се справи со „опасното“ загадување на воздухот во Велика Британија, како и да се создаде национална мрежа на зони со чист воздух низ целата земја. Дури и мало зголемување на нивото на загадувачи во воздухот подразбира значително зголемување на бројот на заболени лица.

„Загадувањето на воздухот нè прави, особено децата, болни од лулка до гроб, но тоа е често невидливо“, вели д-р Роб Хјус од Фондот за чист воздух. „Ова импресивно истражување ги покажува негативните ефекти врз здравјето на луѓето низ Велика Британија и укажува до кој степен е неопходно за сите политички партии да му дадат приоритет на прочистувањето на нашиот воздух“.

Велика Британија беше меѓу првите земји што усвои законодавство поврзано со климатската криза, поставувајќи ја 2050 година како краен рок за нула емисии. Ова вклучува трансформација на автомобилската индустрија, која ќе се фокусира на електричните возила и car sharing транспорт.