Новите BMW M3 и M4 – поголема моќ, радикален дизајн и 4WD / МЕГА ГАЛЕРИЈА+ВИДЕО
Продажбата на спортските седан и купе модели ќе започне во март 2021 година
BMW официјално ги претстави новите додатоци во својата палета на спортски модели – седанот М3 и купето М4. Дизајнот на автомобилите беше откриен неколку часа пред премиерата, за денес производителот од Минхен да објави дополнителни фотографии и технички детали.
Двата автомобила ги краси ист дизајнерски израз, а најсилен впечаток секако остава гломазната маска на ладилникот, која јасно одговара на дивата природа на новитетите. Самите решетки се поставени хоризонтално, а на хаубата има отвори за вентилација на погонската единица. Издувниот систем има четири завршетоци, а на свое место е и дифузерот кој практично го „прегрнува“ споменатиот „емисионен квартет“.
Седанот и купе моделот дебитираат веднаш и со верзија Competition која се потпира на 3.0-литарски 6-цилиндeрски реден турбо-мотор со 510 КС. Моторот со директно вбризгување на гориво под притисок од 350 бари е сличен на оној што се вградува во кросоверите X3 M и X4 M, но вртежниот момент е зголемен од 600 на 650 Nm, достапен во опсег од 2.750 до 5.500 вртежи во минута.
Моторот се комбинира со 8-степен автоматски M Steptronic менувач со функција Drivelogic со рачен режим (мануелен менувач не е дстапен). Менувачот е позајмен од седанот М5, а истото важи и за погонскиот систем M xDrive со активен заден М-диференцијал и можност за заклучување на предната оска. Системот на погонот на сите тркала има три предодредени режими на возење: стандарден 4WD, потоа 4WD Sport и 2WD, што овозможува „вистинско искуство со возење на заден погон, без никаква интервенција на системот xDirve“. Дрифт M Dynamic Mode во новите BMW M3 и M4 се нуди опционално.
Се земала во предвид и традицијата, па инженерите на BMW се погрижиле во нормален режим на возење вртежниот момент да се испраќа само на задната оска, а во попредизвикувачките моменти за возачот, кога е потребна поголема стабилност и подобро наслонување на патот, се ангажираат и предните тркала.
Основните верзии на седанот и купето ќе го добијат истиот мотор, но со 480 КС и 550 Nm, стандардно комбиниран со 6-степен мануелен менувач и погон на задните тркала (8-степен автоматски M Steptronic е опционално достапен).
Продажбата на верзиите Competiton со автоматски менувач и заден погон ќе започне во март следната година, а системот 4WD ќе биде достапен за нарачка од следното лето. И во двата случаи, забрзувањето од 0 до 100 km/h трае 3,9 секунди 4,2 кај стандардните верзии), со максимална брзина електронски ограничена на 250 km/h. При нарачување на опционалниот пакет M Driver, ограничувањето е 290 km/h.
Новите BMW M3 и M4 се разликуваат од стандардните Сериja 3 и Сериja 4 во зголемената јачина на каросеријата, компонентите на шасијата, адаптивната М-суспензија со електронски контролирани амортизери и системот за управување M Servotronic.
Како опции за моделот достапни се пакетите M Drive Professional, комбиниран Traction Control со телеметрија, пакет за намалување на тежината M Race Track, кој вклучува карбон-керамички сопирачки, лесни тркала, спортски седишта M Carbon…. Опционално се достапни и ласерски фарови и подвижен кров.
ФОТО ГАЛЕРИЈА
[useyourdrive dir=”1vYsT2qpUC8hAac0RNrocGtVsn_b43qDl” maxheight=”480px” mode=”gallery” viewrole=”administrator|editor|author|contributor|subscriber|guest” downloadrole=”all” showfolders=”0″ showsharelink=”1″ showrefreshbutton=”0″ search=”0″ showbreadcrumb=”0″]
Цената за М3 во Германија започнува од 82.500 евра, за основната верзија со 6-степен мануелен менувач. BMW M3 Competition со 510 „коњи“ и 8-степен автоматски чини 89.500 евра. Купе верзиите M4 и M4 Competition се поскапи за 1.500 евра од седан моделите.