Toyota објави фотографии и први технички детали за новиот Yaris, во пресрет на светската премиера закажана за 17 април на авто салонот во Њујорк

За некого можеби изненадување, но не и за клиентите на пазарот во САД, каде што веќе се продава Yaris во седан верзија базиран на седан верзијата на Mazda2. Toyota таа соработка со друг јапонски производител сега ја проширува и на хеџбек верзијата за истиот модел.

Дизајнот на екстериерот и ентериерот на новиот Yaris е јасно дека се земени од сегашната Mazda2, но со различна форма на маската на ладилникот и со амблемот на Toyota помеѓу предните светла.

Спецификациите се само делумно откриени, иако се знае дека должината на новиот Yaris е 4,105 mm, а меѓуоскиното растојание е подолго за 61 mm во однос на претходната генерација, со што се зголемува удобноста во салонот, особено за оние кои седеа на задните седишта.

Покрај поголемиот патнички простор, зголемен е и багажниот простор.

Toyota објави дека новиот Yaris за погон ќе користи 1,5-литарски агрегат со 4-цилиндри со 107 КС (79 kW), а овој мотор, барем на пазарот во САД, ќе биде споен со 6-брзински автоматски менувач.

Повеќе детали за новиот модел ќе бидат познати во средината на април, кога новиот Yaris ќе дебитира на автосалонот во Њујорк.