Француската марка го објави првиот цртеж од ентериерот на новиот теренец

Премиерата на Austral е се поблиску, па преку медиумски настапи се подготвува дебито за наследникот на Kadjar.

На претставениот тизер се гледа дека идниот кросовер инспирацијата ја наоѓа во веќе претставениот електричен Megane. Така, пред возачот се наоѓаат два огромни дисплеи, едниот ја игра улогата на инструмент табла, додека другиот служи за контрола на инфозабавниот систем.

Од Renault наведуваат дека новиот систем е многу интуитивен, и дека повеќето опции се достапни со еден до два допири на екранот. Французите исто така истакнуваат дека практичната вредност била на приоритетната листа, па така Austral има простор со волумен од 30 литри за складирање на ситници во кабината.

Друга информација која доаѓа од француската марка е дека задната клупа ќе биде поставена на шини, а во зависност од нејзината поставеност ќе се менува и обемот на багажниот простор. Во основа, ништо ново за Renault, бидејќи тоа со години е присутно во различни модели на оваа марка.

Според последните гласини кои пристигнаа од Франција, Austral би требало да дебитира на 8 март.